Фото: Игор Бансколиев

Додека партиите на власт по изборните резултати од една страна еуфорично ја слават победата на својот кандидат Стево Пендаровски, а опозицијата во меѓувреме според истите резултати смета дека таа е победник а „власта е делегитимирана“, во домашната јавност веќе почнаа одмерувањата и пресметките за тоа колку добиените резултати од претседателските избори ја подотвораат вратата за евентуални предвремени парламентарни избори.

Доколку и двете најголеми партии се сметаат за победници, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, сосема логично би било тој победнички тренд да се обидат да го валоризираат и на предвремени парламентарни избори.

Едни познавачи коментираат дека всушност „бројките“ од изборите се добра подлога за нови предвремени избори откако партиите на терен веќе си ги измерија силите кај гласачкиот електорат. Други, пак, сметаат дека народот е уморен од нови избори, кои доколку се случат, ќе придонесат за ново одложување на неопходните реформски процеси во земјава, но и дополнително непотребно одложување на нашиот евроатлантски пат што оваа влада го има поставено. Во меѓувреме партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ, само еден ден по изборите, е дека картата на Македонија е црвена и дека се неопходни предвремени избори. Најголемата опозициската партија вчера уште еднаш порача дека ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува битката заедно со народот, а власта со резултатите е делигитимирана.

– Оваа недемократска и ненародна власт мора да падне. Граѓаните го кажаа своето. Падот на Заев е неминовен. Народот гласаше за право и правдина наспроти криминалот, корупцијата и непотизмот на Заев и СДСМ. Народот сака право и правдина. Предвремените парламентарни избори се неизбежни – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, во изјава за „Нова Македонија“ во однос на тоа дали СДСМ размислува за распишување нови предвремени парламентарни избори коментира дека партијата на власт во овој момент не планира таков чекор. Според него, Северна Македонија избра легален и легитимен претседател, но уште поважно е што на овие избори победи граѓанскиот концепт на заедничко дејствување кон евроатлантската иднина на земјата.

– Најпрво не е меродавно претседателски избори да се споредуваат со какви било други избори. Мој личен став е дека граѓаните ни дале поддршка за четиригодишен мандат и сметам дека ним им е прекуглава од избори, уште помалку нови. Сите тие граѓани посакуваат земјава да се придвижи напред кон ЕУ и НАТО, а со нови избори само ќе се одолжи тој пат – вели портпаролот на СДСМ, Костадинов.

Експертската јавност, пак, е поделена по ова прашање.

Според универзитетскиот професор Нано Ружин, предвремени избори во моментов не ѝ одговараат единствено на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, таа во последните изборни циклуси целосно го изгуби коалицискиот потенцијал, бидејќи користеше националистичка реторика, особено насочена против албанската етничка заедница.

Тој истакнува дека вториот круг на претседателските избори утврдил повеќе работи, меѓу кои и чисти и регуларни избори, достигнат цензус со значителна и одлучувачка разлика меѓу кандидатите и, нешто многу позначајно, дека во овој момент не се потребни нови избори туку зголемено темпо на работа на актуелната влада.

– Прво мислам дека тоа барање на опозицијата е надреалистичко, не само дека власта не сака да одговори на тоа туку дека имаме обврски кон ЕУ и НАТО, кои треба да се сработат. Секои нови избори е избегнување на тој евроатлантски пат. Второ, многу е важно што народот е веќе уморен од избори, а нов изборен циклус на кој повикува опозицијата е само еден вид правдање пред гласачите за поразот што го доживеа опозицијата во неделата. Мислам дека е непотребно да се бараат избори кога за една година отсега ќе имаме регуларни избори, каде што дотогаш и реално е при влезот во НАТО да порасне и рејтингот кај владејачката гарнитура – оценува Ружин.

Според него, не се точни тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека власта е делегитимирана.
– Од аспект на евроатлантските интеграции, недозволиво е Македонија на секоја половина година да прави избори, бидејќи со тоа го прекинуваме патот на државата кон НАТО и ЕУ. Не мислам дека е делигитимирана власта со резултатите, бидејќи кога зборуваме за победа, зборуваме за победа на коалицијата на власта, но не само на партијата, како што сака да прикаже ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ќе изгубите, губитникот има право да се жали и да се пренасочи тезата од поразот дека, еве, сега не даваат избори да се испробаме.

И на крајот сакам да додадам дека противниците на СДСМ заборавија на ферплеј во изборите и не му ја честитаа победата на опонентот, која како никогаш досега беше демократска и чиста – оценува Ружин.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Пандов, иако смета дека се неопходни нови предвремени парламентарни избори, се сомнева дека Зоран Заев и СДСМ би си го дозволиле тој чекор за предвремено да си го завршат својот мандат.
– На неделните претседателски избори изгуби Гордана Сиљановска, а победи ВМРО-ДПМНЕ. Знаејќи го демократскиот капацитет на Заев и луѓето околу него, не очекувам дека ќе има предвремени парламентарни избори. Тој ќе гледа до последно да го исцеди овој мандат, кој всушност го доби на подарок, особено поради резултатот што го имаат на претседателските избори. Доколку се одземат неколкуте илјади гласа на Албанците што ги испорача Али Ахмети, излегува дека СДСМ и Заев дебело се во негативен тренд. Оттука, анализирајќи го капацитет на луѓето околу Заев, кои во исто време се неспособни да испорачаат подобар стандард на живеење на граѓаните и порастот на тој негативен тренд, тешко ќе си дозволат да има предвремени избори во земјава, иако тие можеби во овој момент се нужност – посочува Пандов.

Според аналитичарот, сѐ уште не е јасно каква ќе биде фактурата за СДСМ за тие 100.000 разлика гласа што Стево Пендаровски ги доби од албанскиот електорат како договор со нивниот коалициски партнер ДУИ.

[email protected]