Карикатура: Игор Калц

Практиката на континуирано правење преседани во правниот систем на Р Македонија, заради остварување одредени политички цели го компромитираат
владеењето на правото. Дали и најновото објавување на законот за јазиците, без потпис на претседателот на државата, влегува во тој пакет. Во таа насока се
поставува и клучното прашање дали може воопшто да имаме држава ако нема владеење на правото и ако не се почитуваат правните акти, Уставот и законите

Законот за употреба на јазиците, кој една година по првото изгласување во Собранието на Р Македонија, беше под ембаргото на т.н. џебно вето на претседателот на државата Ѓорге Иванов, доцна вечерта на 14 јануари 2019 година, со указ потпишан само од претседателот на Собранието, Талат Џафери, беше објавен во „Службен весник“. Со објавувањето во „Службен весник“ на Законот за употреба на јазиците (заедно со указ на Законот за ратификација на Преспанскиот договор), албанските претставници на власта во Македонија прославуваат дека албанскиот јазик станал втор официјален јазик во земјата, а сите институции во државата и официјално стануваат двојазични.

Меѓутоа пренебрегнувањето на „фалинката“, со фуснота во указите на законите со објаснување зошто недостига потписот на претседателот на државата, претставува уште едно надоврзување на верижната реакција на дерогирање на правната држава што се случуваше во целиот процес на носењето на овој закон, но и при спроведување на уставните измени за спроведување на Преспанскиот договор на што за цело време укажуваа и укажуваат експертите. Самиот чин на праќање и објавување на Законот за јазиците доцна во ноќта, како што беше и гласањето на уставните измени, асоцира на темната страна на целиот процес, кој е контроверзен и по многу нешта. Веднаш по информацијата за објавување на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ со писмена реакција се огласи претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, преку писмена изјава го коментира објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ без негов потпис, оценувајќи го ваквиот чин за противуставен, и укажувајќи дека начинот на кој е направено тоа, е незаконски и претставува основа за кривично гонење.
– Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ, која себеси се смета за проевропска. Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во „Службен весник“, без потпис на указ од претседателот на Република Македонија, се противуставни. Со доставувањето на овие два закона во „Службен весник“ е прекршен членот 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење – се вели во писмената изјава на претседателот.

Иванов посочува дека ова е момент, кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.

– Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави? – се вели во реакцијата на претседателот Иванов.

Притоа обраќајќи се кон меѓународната заедница, претседателот на Република Македонија алармира и за штетата што се нанесува за владеењето на правото во државата со ваквите правни преседани.

Практиката на подметнување правни преседани во правниот систем на Р Македонија (непочитувањето на Уставот и Законот за референдум при имплементацијата на спогодбата од Преспа, носење селективен закон за амнестија, а сега и објавување закони без потпис на претседателот на државата) сериозно го компромитира владеењето на правото со своеволноста на политиката и на политичарите и воопшто постоењето на правната држава. Ако се тргне од основата на државата, односно суштествената причина за нејзиното постоење се воведувањето и спроведувањето токму на правната регулатива со која се одредени односите во општеството, а во демократските општества се регулира и влијанието на политичката моќ на сите чинители. Со игнорирање на потписот на претседателот на државата на указите на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа, евидентно е прекршувањето на Уставот и на законите. Ова, впрочем, го констатираат многумина правни експерти.

Од друга страна, претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека токму претседателот Иванов, со непотпишување на Законот за употреба на јазиците и на Преспанскиот договор, ги прекршил Уставот и законите.

– Потпишав два указа со соодветните текстови и ги испратив во „Службен весник“ за нивно прогласување. Дополнително објаснив со фуснота за истите тие зошто имаат само мој потпис. Според процедурите, Уставот не е испочитуван од претседателот на Македонија. Тој како извршна власт не може да се меша во работите, ниту е над законодавната власт. Тоа се мои надлежности и му дадов доволно време за двата указа – една година за првиот и шест месеци за вториот. Очигледно е дека ги помешал лонците, не може тој да поведе постапка против законодавната власт, туку може обратно. Не кажав дека ќе побарам импичмент, но надлежност на законодавната власт е да побара одговорност од претседателот. Тоа е надлежност на пратениците и тие можат да поведат импичмент за претседателот – изјави Џафери вчера во Собранието, по повод потпишувањето на законите.

Во однос на тоа кога ќе се сменат називите на институциите, во согласност со Законот за употреба на јазиците, Џафери рече дека во законот многу прецизно е укажано и даден е рок од шест месеци за извршување на тие измени.

Со реакција во однос на истото прашање се јави и Владата на Република Македонија, од каде што ја поддржаа одлуката двата закона да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ со потпис на претседателот на Собранието, имајќи го предвид прекршувањето на Уставот од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

– Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закона, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки, кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија.

Според членот 51, став 2 од Уставот на РМ, секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Тоа е обврска и за претседателот на државата. Членот 75, став 3 од Уставот на РМ е јасен! Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија, доколку тие вторпат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието… Владата на Република Македонија потсетува дека претседателот на државата, не е законодавно тело, и беше повикан повеќепати да го почитува Уставот и да постапи во согласност со законските обврски, и укажува дека иницијативата на претседателот на Собранието на РМ ги враќа постапките предвидени за вакви случаи назад во рамката што ја определуваат Уставот и законите – се вели во соопштение од Владата.

Фото: Игор Бансколиев

Што објаснува фуснотата?

Законот за употреба на јазиците е објавен во „Службен весник“ со фуснота во која се објаснува зошто на указот го нема потписот на претседателот Ѓорге Иванов.
– Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците се објавува без потпис на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од следниве причини: Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51, став 2 од Уставот на Република Македонија) – е забележано во фуснотата. Како втора причина е наведено тоа што претседателот на државата, како што стои, е должен да го потпише законот, бидејќи на 14 март 2018 година и вторпат бил усвоен со мнозинство гласови од пратениците, според членот 75, став 3 од Уставот. Но забележливо е и тоа што, освен Џафери, под указот е потпишан заменик-генералниот секретар, наместо генералниот секретар, Цветанка Иванова. Последниот дел од фуснотата објаснува дека „поради неизвршување на горенаведените обврски од страна на претседателот на Републиката“, а поради обврската од членот 52 од Уставот, претседателот на Собранието е должен да го достави Законот за јазиците во „Службен весник“ за негово објавување.