Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пресудите за криминал и злосторства не се ниту граѓанска ниту етничка репресија

Злосторства со тежина на геноцид и тероризам не може никако да се третираат во контекст ниту на граѓански ниту на етнички права. Затоа се поставува прашањето зошто институционално решените злосторства, како „Монструм“ или „Куманово“, се претставуваат како монтирани и како „флагрантно газење на правата на човекот, на правата на Албанците во ‘државата северна’?!“. Во јавноста и медиумите на албански јазик има наплив од пароли дека се „тие монтирани процеси, координирани од страна на обвинителството, судовите и власта против Албанците“?! Рециклирањето на реториката на непочитување, конфронтации, па и омраза продолжува, но со каква цел и до кога?

Речиси секој ден, почнувајќи од референдумот за независност на Македонија во 1991 година, како да претставува своевиден тест за нашата држава. Секојдневно извираат милиони искушенија за првобитно замислениот концепт на создавање, развој и просперитет на државата. Демократскиот дух и елан во градењето на самостојноста, вградени во Уставот и законите, постојано беа подложени на опструкции, на периоди дури и на тешки конфронтации и ретроградни тенденции. И покрај сите општествени, политички (внатрешни и надворешни) напори, активности и процеси во наоѓање „функционална општествена формула“ за нашето мултиетничко и мултиконфесионално општество при дефинирањето на концептот на државата, при што перманентно се мешаа граѓанскиот и етничкиот концепт, сепак за издвојување е дека во Македонија индивидуалните и колективните демократски човекови права и правата на етничките малцинства се во врвот на она што значи демократски права на колективитетите и поединецот. Таа фактичка состојба е констатирана и од меѓународната заедница, а имплементирањето на меѓународното право од таа област е понапред дури за некои од земјите од ЕУ, особено за соседите.
Сепак, ретроградни сили по таа основа рециклираат појави и општествени проблеми, при што етничкиот предзнак го користат како алиби за добивање права и привилегии над Уставот и законите. Тие се обидуваат да се прикажат како жртви на системот и како репресирани поединци и групи, иако институционалната процедура покажала дека и де факто и де јуре тоа не е како што сакаат да го прикажат тие.
На пример, албански интелектуалци најавуваат протести на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, како реакција за наводни „монтирани судски случаи, како репресија за етничките Албанци“.
Имено, во колумна на македонски медиум на албански јазик се најавува дека „на 8 септември годинава, на Денот на независноста на ‘државата северна’, во Скопје ќе се одржи албански протест, поради ‘Монструм’, ‘Куманово’ (Диво Насеље) и сите други случаи монтирани против Албанците од страна на репресивната славо-албаноговорна влада, која со тоа го искажува својот презир против овој етникум“. Иако не се наведува организаторот на протестот, двајца албански интелектуалци од дијаспората (Медаи Шахоли и Мона Агригороаиеи) ја изразуваат својата поддршка за протестот, наведувајќи дека „монтираните случаи како ‘Монструм’ или ‘Куманово’ претставуваат флагрантно газење на правата на човекот, на правата на Албанците во ‘државата северна’“. Понатаму во колумната се наведува дека „тие монтирани процеси се координираат од страна на обвинителството, судовите и власта против Албанците, а албанските политички партиички се дел од бесрамната соработка на албаноговорните колаборационисти со власта!“
Независно од релевантноста, намерите и целите на авторите на колумната, реактивирањето на мотивот за „етничка репресија“, како повод за протест на Денот на независноста на Македонија, и тоа за пресудите за обвинетите за петкратното злосторство кај Смилковско Езеро и за тероризмот во Куманово (во двапати повторени судски процеси и пресуди).

Нехумано е да се бара криминалот да се амнестира врз основа на човекови или етнички права

– Најпрвин треба веднаш да се расчисти, злосторства со тежина на геноцид и тероризам не може никако да се третираат во контекст ниту на граѓански ниту на етнички права. Не можеме да зборуваме за човекови права на осудени терористи, дојдени од друга држава да ги загрозат територијалниот интегритет на Македонија и уставниот поредок, ниту за учесници во смислено и организирано петкратно убиство на невини жртви, со намера да се испрати закана за целото општество, а особено спрема одредена верска заедница. Едноставно, нехумано е да се бара криминалот да се амнестира врз основа на човекови или етнички права. Обидот за подведување на судските случаи „Монструм“ и „Диво Насеље“ (Куманово) како „етничка репресија“ е навреда и за Албанците во Македонија и за албанските интелектуалци. Оваа најава за протест поради „етничка репресија“ е несреќен обид за реактивирање на реторика со поминат рок на траење за некаква политичка пресметка во албанскиот политички блок, но со потенцијал да активира некоја спирала на општествено раздробување. Од друга страна, пак, свеж е аргументот за ненадминатите предизвици што ги продуцира етничкиот концепт во градењето на граѓанско општество и држава, и три децении по независноста на Македонија – вели политичкиот аналитичар и поранешен јавен обвинител Сотир Костов.
Не исклучувајќи го моментот на мешање на политиката во судството, како причина за оставен простор за манипулација со судските случаи „Монструм“ и „Диво Насеље“ во нова експлоатација на наративот „етничка репресија“, Сотир Костов сепак заклучува дека за три децении, во Македонија не се успеа да се изгради здрав концепт за граѓанско општество и држава.
– По сите применети концепти, општествени и државни премрежиња, трансформации – по три децении независност, граѓаните во Македонија се маргинализирани. Како да се поприоритетни правата на припадниците на одредени групи (етнички, партиски…), пред правата на основниот елемент на граѓанското општество – граѓанинот. Државничка грешка беше направена уште кога се носеше Уставот во 1991-та, кога можеби не се пристапи со некои пошироки сфаќања за граѓанското општество, во смисла на меѓуетничка интеграција. Тоа многу брзо ни се врати со Илирида и паравојска, за случаите привидно да стивнат. Но тоа незадоволство тлееше и ескалира во 2001 година, што заврши со Охридскиот договор, со кој преку чуден процентуален концепт се настојува да се воспостави некаква етничка димензија на граѓанското општество. Сегашните најави за протести треба да се следат внимателно, ако зад нив се кријат некои радикални структури. Но и доколку се работи за обид преку мешање на политиката во судството да се издејствуваат некакви полесни пресуди за обвинетите во криминални случаи, манипулирајќи со моментот „етничка репресија“, повторно се наштетува на какви било шанси и надежи за воспоставување граѓанско општество во Македонија – вели Сотир Костов.

Постојаната манипулација со етничките теми оди на штета на развојот на демократијата

Професорот на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски цени дека во Македонија сѐ уште не се прележани детските болести на демократијата, па и по 30 години таа во политичкиот амбиент се сфаќа како можност за придобивки (етнички, партиски, економско-материјални), но без обврски и одговорност.
– Секоја пригода и ситуација во државата и во општеството се гледаат како можност за уцени за постигнување одредени придобивки и политичка предност кај политичките субјекти. Тоа е особено нагласено во манипулацијата со етничките теми, постојано на штета на првично замислениот граѓански концепт од пред 30 години, кога во Македонија се прифати демократскиот плурализам. Сега сме дојдени во ситуација да имаме политички уцени од етнички карактер за Законот за државјанства, за Законот за лични карти, па, еве, дури и со протест за „етничка репресија“ во судски случаи. Демократијата е вулгаризирана до степен да се бараат (и да се уценува) само за права и придобивки, без да се помисли на обврските и одговорноста. Тоа што имаме слободни избори и плурализам се сведе на карикатура на демократијата. А тоа што во Уставот се набројуваат сите малцинства присутни во Македонија, со тенденција да се дополнува, дефинитивно ја дезавуира идејата на граѓански концепт за општеството и државата. Никако да ни допре до свеста дека националното е лично чувство. Кај нас сѐ уште се добиваат избори со ветувања за етнички права и имаме парадоксални состојби – партиите да се залагаат за заштита на колективни права наместо за индивидуални граѓански права. Но кога нема демократија во партиите, не може да се очекува демократија и во општеството. Добивме плурализам, но остана матрицата на функционирање на партиите, па имаме султан-партии и пајтон-партии – вели професорот Борче Давитковски.