Уставниот суд треба да ја отфрли иницијативата доставена за оценување на Уредбата за прашања поврзани со изборниот процес.

Вакво мислење оформи Владата на денешната владина седница.

Од Владата истакнуваат дека одредбите од оваа уредба се целосно во согласност со Уставот, па оттука сметаат дека поднесената иницијатива во целост треба да биде отфрлена како неоснована од страна на Уставниот суд.

Во текстот на Уредбата се наведува дека спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанокот на вонредната состојба. Со уредбата, истовремено се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, претходно најави дека утре на работен состанок по седницата ќе се расправа по предлогот за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието. Тој кажа дека понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на состанокот. Според најавите, утре на седницата на Уставниот суд ќе се најдат двете одлуки на шефот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба на целата територија.