Техничкиот премиер Оливер Спасовски, заедно со министерката за правда Рената Дескоска, министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар во Владата Драги Рашковски, денеска одржаа состанок со членовите на Државната изборна комисија.

На состанокот не присуствуваше претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, иако средбата е организирана врз основа на негово писмо во кое тој, во име на Комисијата побара состанок во Владата, и таа се одржа со останатите членови на ДИК предводени од потпретседателката Дитмире Шеху.

Потпретседателката на ДИК Шеху информираше дека денеска, согласно нејзините овластувања, заедно со мнозинството членови на ДИК, ќе иницира седница на која ќе се повика на заклучокот на Kомисијата од 22 март во кој се вели дека „сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до 22 март 2020 година се сметаат за важечки и дека сите преостанати дејствија кои произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник кој ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на новата уредба на Владата за изборниот процес“.

На состанокот премиерот Спасовски истакна дека во очекување на состанокот на ДИК на која ќе се потврдат одредбите на заклучокот на комисијата од 22 март, Владата е веќе подготвена да ги исполни сите обврски во врска со организацијата и спроведувањето на изборите, вклучувајќи ги и препораките за безбедно спроведување на изборниот процес од здравствен аспект, врз основа на кои ДИК ќе подготви упатства.