Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов и непотпишувањето на Указот за законот за ратификација на договорот за името, од Владата ја оценуваат како очекувана, но не влијае на имплементацијата на договорот.

– Што се однесува до одлуката на Иванов истата беше очекувана, но таа не влијае на чекорите односно имплементацијата на фазите од договорот. Владата на Република Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО – посочува владиниот портпарол Миле Бошњаковски за МИА.

Од Владата повторуваат дека волјата на граѓаните изразена на референдум ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти без разлика која форма ќе го има изјаснувањето на граѓаните.

Во Собранието на Република Македонија денеска е доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот со Грција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најдоцна следната недела ќе ја закаже седницата за повторно гласање на законот за ратификација на договорот.