Владата утре на седница ќе дебатира и ќе донесе одлука за начинот на кој што ќе ги информира јавноста и граѓаните за важноста од претстојниот референдум и значењето што за иднината на земјата има Договорот со Грција за решавање на спорот со името.

Ова го истакна денеска премиерот Зоран Заев по панелот посветен на 17 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор нагласувајќи оти Владата ќе преземе мерки со цел сите граѓани во земјата да се поттикнат да го прочитаат Договорот и да се информираат што всушност содржи тој.

– Преку кампањата ќе се обидеме Договорт со Грција да го приближиме до сите граѓани. Апелирам до сите да видат дека сето она што беше проблематично за нашиот идентитет е целосно решено. Загарантиран е македонскиот идентитет, македонскиот јазик, преведливо на сите јазици. Ова е историската вековна борба и на нашите предци, рече Заев.

Тој додаде дека Владата и државата имаат целосно право да ги информираат јавноста и граѓаните пред тие да ја донесат оваа историска одлука.

Премиерот истакна оти кампањата дополнително ќе се отвори иако согласно  Законот за референдум таа почнува со одлуката на Собранието за распишување на референдумот.