Фото: Дарко Андоновски

Со над три милијарди денари пари од ребаланс на буџетот, Владата ќе ги покрива долговите на општините, кои изнесуваат вкупно околу 5,5 милијарди денари, а паралелно со тоа ќе воспоставува и механизам за нивна финансиска дисциплина

Владата усвои предлог-законско решение со кое се предвидува обезбедување 51 процент од пријавените неплатени обврски за сите општини за што се предвидени над три милијарди денари.
Како што објасни министерот за финансии, Драган Тевдовски, парите ќе се обезбедат со ребаланс на буџетот и се строго наменски и неповратни, а целта е да се зајакне фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.

Општините имаат пријавени неплатени обврски во висина од околу 5,5 милијарди денари, од кои со највисоки пријавени неплатени долгови се Охрид – 495 милиони денари, Тетово – 468 милиони денари, Куманово – 118 милиони денари и Карпош – 248 милиони денари.

Тевдовски, на заедничката прес-конференција со министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, изјави дека Владата донела три одлуки, и тоа за објавување на преземените, а неплатените обврски на државните институции, за законско решение за финансиска поддршка на единиците за локална самоуправа и одлука за воспоставување механизам за финансиска дисциплина на единиците за локална самоуправа.

– Неплатените обврски на државните институции со пресечен датум 30 септември 2018 година се достапни на веб-страницата на Министерството за финансии. Износот на пријавени доспеани, а неплатени обврски изнесува 18,8 милијарди денари или 307 милиони евра – рече Тевдовски.

Министерот Фазлиу, рече дека со одлуката на Владата се решава проблем со кој се соочуваат речиси сите единици на локална самоуправа во Македонија.
– Долговите, кои постојат не само во општините, туку и во единките основани од нив се наследени и со години не овозможуваат развој. Оваа ситуација ги афектира и урбаните и руралните општини. Како влада донесовме одлука да интервенираме и финансиски да ја затвориме оваа ситуација. Очекуваме дека со финансиската поддршка општините ќе намират голем дел од обврските и на некој начин директно ќе помогнат во економскиот развој. Со оваа одлука ќе се намири 51 процент од вкупно пријавениот износ заклучно со септември 2018 година – изјави Фазлиу.

Тој посочи дека како системско решение за општините да не влегуваат повторно во долгови, предвидено е тие сопствените приходни да може да ги планираат најмногу до 10 проценти од просечните приходи во изминатите три години. Доколку буџетот на општината не е изготвен во согласност со овие измени, нема да биде прифатен. Дополнително општините ќе мора јавно да ги објават податоците за тоа како ги трошат парите на граѓаните.
На новинарско прашање, што ќе се случи со другите 49 проценти долг на општините, Тевдовски рече дека јасно кажале, дека сега имаат фискален простор да ги помогнат општините и дополнително јасно поставуваат механизам што во иднина ќе спречат трупање долгови. П.Р.