Владата ја отвори дебатата за утврдување насоки во врска со предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби, кој е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише указот за прогласување на законот, одлуката, како што информираат владините служби, е донесена на 71. владина седница.

Од таму додаваат дека во широката и темелна дебата било истакнато дека во согласност со законските процедури за вакви ситуации, Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на парламентот и на државата за да се дојде до најдобро законско решение.

– Во таа насока ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите што се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите што се за лично домување и оние што се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните – се посочува во владиното соопштение.

Шефот на државата, Пендаровски, одговарајќи денеска на новинарско прашање, рече дека законот не е добар, но дека тој ќе го потпише указот доколку Собранието повторно го изгласа законот за дивоградбите со потребното мнозинство.