Информацијата за отворени податоци, предложена од Министерството за информатичко општество и администрација, беше усвоена на денешната 101-ва седница на Владата на Република Македонија.

-Отворените податоци се податоци достапни во компјутерски обработлив формат што можат да се користат слободно, да се споделуваат, да се редистрибуираат и да се реискористуваат од секого и секаде, за секоја цел, информира валдината прес-служба.

Согласно информацијата, секоја институција, податоците кои ги произведува треба да ги стави на располагање на јавноста и да ги користи секој што има потреба од тоа.

Владата го утврди и составот на деветчлената ад-хок координативна група за развој на концептот „Едно општество и интеркултурализам“. Координатор на оваа група е Рубин Земон, посебен советник на премиерот за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интеркултурните комуникации. Претседател на координативната група е министерката за правда Рената Дескоска, а нејзин заменик министерот за култура Асаф Адеми.

Во координативната група за развој на концептот „Едно општество и интеркултурализмот“ членуваат Аксел Ахмедовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Петар Атанасов, заменик-министер за образование, Илхан Рахман, директор на Агенција за остварување на правата на заедниците, Дарјан Сотировски, директор на Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи, Јована Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика и Фатон Ахмети, државен секретар за спроведување на Охридскиот Рамковен договор.