По пишувањето на „Нова Македонија“ и забелешките во јавноста зошто на денот на потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во Брисел, на официјалниот сајт на Алијансата изостана името на државата, а македонскиот јазик беше претставен со знаменце наместо напишано со букви, премиерот Зоран Заев вчера изјави дека Владата испратила допис до Брисел со кој се бара корекција на делот на користење на терминот „македонски јазик“ на веб-страницата на НАТО.

– Меѓународните институции ги признаваат македонскиот јазик и идентитет и верувам дека со дописот што го испративме ќе коригираат. Некогаш се случуваат грешки, веројатно и во делот на формулацијата, некојпат за сите е новина, па и за меѓународната заедница исто така е новина сето тоа што се случува во делот на Северна Македонија – новото име на нашата земја, што се надевам ќе биде и во функција по гласањето во грчкиот парламент. Затоа што самото користење и на новото име кај нас, различно од идентитетските прашања како Македонци, кои зборуваме македонски јазик, а ќе бидеме од Северна Македонија, треба јасно да се разграничи – рече Заев.