Владата денеска ја одржа 62-та седница на која е одобрена државна помош за нова, десетта странска инвестиција според новите мерки за поддршка, намалена е каматната стапка за кредити на Банката за поддршка на развојот, а донесена е и одлука за отпочнување постапка за изградба на нов објект за Државниот архив.

Владата, како што се наведува во соопштението, ја одобри одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, со нацрт – договор за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за производство, трговија и услуги БАУМЕР ДООЕЛ Скопје, чија матична компанија е Баумер Холдинг АГ од Швајцарија. Ова е десетта поддршка за странска инвестиција според новата програма за поддршка на економскиот план на Владата.

На 62. седница Владата го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), структурата по банки учеснички, како и состојбата на салдото, и го овласти Драган Тевдовски, министер за финансии, со Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (МБПР) да потпише Анекс кон Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд бр.51-422/1 од 21.01.2011 година склучен меѓу Владата на Република Македонија и МБПР.

Со Анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3% фиксно годишно на 2% фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8% годишно на до 5% годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до три години со вклучен грејс период до шест месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката.

Како дополнителен заклучок, како што се наведува во соопштението, Владата ја задолжи Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје да подготви Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонски компании, со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи и во рок од 15 дена да ја достави до Владата.

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за надминување на проблемот со канцелариски простор и депото на Државниот архив, и по широките консултации и анализи на теренот, донесе предлог – решенија за решавање на овој прашање кои предвидуваат изградба на нов објект за Државниот архив. Владата, се посочува во соопштението, го задолжи Државниот архив, до конечната реализација на ова решение, да спроведе постапка за санација за спречување на протекување на атмосферска вода во постоечкиот објект на кеј Димитар Влахов.

На седницата беше разгледана и усвоена Информацијата во врска со донесување на Национална Стратегија за мали и средни претпријатија (МСП) 2018-2023, со Предлог-стратегија и акциски план. Стратегијата за МСП дефинира рамка за соработка меѓу чинителите од јавниот и приватниот сектор и граѓанското општество со цел поддршка на развојот на МСП и иновативноста во насока на зголемување на нивната конкурентност. Целите на стратегијата се да се создаде поволно деловно окружување во коешто се поттикнуваат претприемништвото и инвестициите, да им се помогне на МСП да станат високо продуктивни и конкурентни учесници на европскиот и другите меѓународни пазари, и да се поттикне економската конкурентност на Македонија преку зголемување на претприемачкиот и иновативниот капацитет на МСП. Стратегијата за МСП е изготвена во согласност и со Актот за мали претпријатија (АМП) на Европската унија.

На предлог на Министерство за внатрешни работи, владата денеска го утврди текстот на Предлог – закон за странци, со кој се врши усогласување со европското законодавство во областа на миграцијата, односно условите за влез, визите, одобрувањето на престојот и враќањето на странец со незаконски престој.

Владата да ја разгледа и усвои Информацијата со новиот ревидиран текст на Акцискиот план за воспоставување на надворешен механизам за контрола над работата на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција, со кој се дефинираат клучните активности за воспоставување на надворешниот механизам, надлежните институции и временските рокови за нивна имплементација, проценка на потребните финансиски средства и нивното обезбедување во буџетот на соодветните институции.

На предлог на Министерството за одбрана, денеска Владата ги разгледа и усвои предлог – одлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировните операции „Одлучна поддршка“, во Авганистан, и „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, се посочува во соопштението.

Министерството за здравство на денешната седница информираше за оранизацијата на 39-иот состанок на Бордот на Глобален фонд во Скопје, кој треба да се одржи на 9 и 10 мај 2018 година, како и за организацијата на Министерскиот состанок на земјите од Југоисточна Европа на темата „Одржлив одговор за ХИВ и туберкулоза“ на 7 мај оваа година.

На оваа седница владата ја одобри предлог-одлуката за прогласување на Манастирот Св. Андреја – Матка, во општина Сарај, изграден во 1388 – 1389 година, за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата големо значење.

Во соопштението се наведува дека на денешната седница владата го разреши Мите Костадинов од функцијата Претседател на Управниот одбор на АД Водостопанство на Република Македонија, а Муамет Хоџа е именуван за втор портпарол на Владата на Република Македонија.