Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата добила уверување дека изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, дека „македонскиот јазик бил дел од бугарскиот јазик“,не го отсликува ставот на Лисабон, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Изјавата на Закаријаш, Димитров ја оцени како „прилично несреќна“ и истакна дека тој и министерот Бујар Османи оствариле контакти со претставници на Португалија и изразиле вербален протест.

– Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон, кој останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење. Во дипломатската комуникација важно е јасно да си го изразите ставот, да изразите негодување и протест. Сето тоа е направено неколкукратно во текот на вчерашниот ден – рече Димитров.

Владата денеска порача до претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања., се вели во писмената изјава на Владата.

Претходно и претседателот Стево Пендаровски остро ја коментираше изјавата.

– Од историчари кои се бават со политика се полоши само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Јас навистина искрено жалам за погрешната изјава на португалската министерка која во суштина ги поткопа сите напори кои нејзиниот колега од истата влада, Да Силва, ги правеше месеци наназад за на крајот на тоа шестмесечно претседателство да излезе со одличен балансиран предлог кој водеше сметка за виталните интереси и на Северна Македонија и на Бугарија – рече Пендаровски.