Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување добија повеќе пари со најновиот ребаланс на буџетот што го усвоила Владата на саботната вонредна седница.

Од Владата соопштија дека ќе се релоцираат дополнителни средства за овие фондови, за да може непречено да се исплаќаат пензиите и за да можат граѓаните непречено да ги остваруваат правата на здравствена заштита и боледување, како и правото на надомест по основа на невработеност.

Оттаму информираа дека се запазени роковите за испраќање на ребалансот за усвојување во Собранието доколку парламентот не се самораспушти и не се оди на вонредни парламентарни избори.

Со ребалансот на буџетот се предлага приходите да се намалат за милијарда денари, а расходите за 1,2 милијарда денари. Со предлог-измените и дополнувањата на буџетот за 2018 година, кои сега треба да влезат во собраниска процедура, планирано е вкупните приходи да бидат 192,5 милијарди денари, наместо првично планираните 193,5 милијарди денари, а вкупните расходи да бидат 210,5 милијарди денари наместо првично планираните 211,7 милијарди денари.

– Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок, односно ќе изнесува 18,1 милијарди денари, наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари. Во однос на бруто-домашниот производ (БДП), буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП. Со измените и дополнувањата на буџетот за 2018 година што предлагаме да ги усвои Собранието на Република Македонија, приходната страна на буџетот е ревидирана за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари – соопшти Владата.

Министерот за финансии, пак, Драган Тевдовски, вчера на прес-конференција го образложи предлогот за ребаланс на буџетот за 2018 година доставен до Собранието.
Тој рече дека главната причина за ребалансот е евентуалната одлука за предвремени парламентарни избори, која би ја оневозможила постапката за прекројување на државната каса.

Како што рече тој, со парите од ребалансот финансиски ќе се поддржат општините во државата, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување и ПИОМ. Најголема релокација на средства има кај општините, за намирување на достасани, а ненаплатени обврски.

Според него, со ребалансот се обезбедуваат 198 милиони денари за политичките партии и истражувачките центри, како што е определено тоа со закон. Тевдовски додаде дека дополнителните средства во здравството се за да се намалат обврските на јавните здравствени установи. Министерот рече дека пензиите ќе бидат навремено и целосно исплаќани, а корекцијата во делот на капиталните инвестиции е поради забавената реализација на проектот за гасификација и откажаниот клинички центар.

– Подготвени сме на различни ситуации, дури и со привремено финансирање државата ќе ги исплаќа обврските – рече министерот за финансии.

Од друга страна, ребалансот на буџетот беше критикуван од опозицијата, а од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение истакнаа дека власта „на шверцерски начин направила ребаланс и покрај нејзините тврдења дека се транспарентна влада“.

– Владата што лажно се претставува за транспарентна, на шверцерски начин, далеку од очите на јавноста, на нетранспарентен начин скрои ребаланс на буџет што претставува покривање на матните бизниси и нерентабилната презадолжена економија. Повеќе ни огромното задолжување не може да ги покрие криминалите на Владата.

Владата треба да одговори зошто на шверцерски начин турка ребаланс на буџетот, дали ова значи дека прикрива траги од незаконско работење, дали поради катастрофалното работење на Владата во опасност се доведени редовните исплати на пензии и социјални трансфери? Дали економијата е пред банкрот – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.