Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата го претстави новиот предлог план за одлучна акција против ширењето дезинформации. Тој најави безбедносни и проактивни мерки, воведување безбедносни протоколи за комуникација со институциите, за безбедно комуницирање преку интернет и електронска пошта, зајакнување на внатрешната ИТ инфраструктура.

Рече дека поради тоа, сега и тој користи нов телефонски број со поголема безбедност.

Премиерот истакна дека се работи за нова стратегија за транспарентност, ќе бидат објавени официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани за да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.

Објасни дека Владата ќе формира акциска група против дезинформации, која ќе ја координира министерот Роберт Поповски, а одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец.

Ќе биде спроведувана кампања од јавен интерес за штетното влијание на дезинформациите, а Владата ќе прави и внатрешна кампања за вработените.