Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секој последен четврток во месецот, на посебна седница, пратениците го користат правото дефинирано со Деловникот да поставуваат прашања до претседателот на Владата, до министрите или до некој од носителите на јавни функции. Но дали се тоа вистинските прашања што ги интересираат граѓаните или можеби станува збор за политичка пропаганда и злоупотреба на говорницата за партиски цели и рејтинг? Токму преку процесот наречен Жан Моне се предвидуваa и одредени промени со кои ќе бидат постигнати суштината и целта на овие пратенички прашања. Пратениците од власта и од опозицијата, но и аналитичарите даваат различни оцени и видувања за ефикасноста на овој механизам

АНАЛИЗА: СОБРАНИСКИОТ МЕХАНИЗАМ „ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА“ И НЕГОВАТА УПОТРЕБНА ВРЕДНОСТ

Колку инструментот „пратенички прашања“ е функционална алатка во македонскиот парламент и колку овој процес навистина придонесува за поголема демократизација, но и поголема ефикасност во работењето на народните избраници, пред сѐ во интерес на граѓаните.
Секој последен четврток во месецот, на посебна седница, пратениците го користат правото дефинирано со Деловникот да поставуваат прашања до претседателот на Владата, до министрите или до некој од носителите на јавни функции. Но дали се тоа вистинските прашања што ги интересираат граѓаните или можеби станува збор за политичка пропаганда и злоупотреба на говорницата за партиски цели и рејтинг? Одговор на ова прашања, но и за тоа колку е делотворен инструментот „пратенички прашања“ побаравме од пратениците од власта и од опозицијата. Тие имаа различни видувања за ефикасноста на оваа демократска алатка.

ВМРО-ДПМНЕ бара ремонт на процесот

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека пратеничките прашања како механизам во парламентот низ кој се практикува непосредната демократија не функционираат најдобро во својата намена.
– Пратениците од опозицијата ги поставуваат прашањата, а одговорите што ги добиваат најчесто се површни од владините функционери. Од друга страна, кога овие прашања ќе ги искористат пратениците од владејачкото мнозинство, владините функционери даваат одговор што повеќе личи на памфлет полн со пропаганда отколку на информација што содржи реални податоци – вели Мицевски.
Тој вели дека оваа практика е долгогодишна и таа не ги отсликува само времињата кога СДСМ има парламентарно мнозинство, туку, за жал, била карактеристика и на периодот кога ВМРО-ДПМНЕ во минатото раководело со земјата.
Според Мицевски, во процесот на Жан Моне се предвидуваат одредени промени со кои ќе бидат постигнати суштината и целта на овие пратенички прашања.
– Имено, се отвара можност прашањата и репликите да се со ограничено времетраење, во кое ќе се намали времето со кое политичарите на двете страни од мозаикот, освен за суштината на проблемот, да говорат за партиски флоскули.

Натаму, ќе се избегне практиката за писмени одговори на пратеничките прашања, бидејќи онака како што стојат сега состојбите, опозицијата, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица, во моментов има поднесено вкупно 12 прашања, а од власта се одговорени само една третина од нив. Од друга страна, на поставени осум прашања од пратениците од владејачката коалиција, одговорени се сите од страна на Владата – вели Мицевски.
Тој вели дека со забрзувањето, освен општите прашања што сега се дискутираат во парламентот, како процесите за справување со пандемијата или, пак, оние поврзани со случајот „Мијалков“, изградбата на клиничкиот центар и други, ќе има место да се постават и прашања што заслужуваат одговор но се од локален карактер.
– Имено, со ваква динамика јас би можел да побарам и прашања од име на граѓаните на Штип, каде што би можел да побарам и одговор за комуналните проблеми, бидејќи на начинот на кој сега се поставени работите, овие дилеми никако не можат да дојдат на ред – заклучува Мицевски.

СДСМ бара одговорност за невистините

Од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ во парламентот, пак, информираат дека пратениците во опозицијата најчесто ја злоупотребуваат својата функција и преку овој чин тие од говорницата изнесуваат прашања што во суштина имаат лажна содржина, која, пак, не е одраз на фактичката и вистинската состојба во земјата.
Оттаму додаваат дека пратениците од опозицијата треба да го прекинат овој начин на дејствување, да преземат одговорност за искажаните работи насочени кон демократските институции на земјата и да почнат да се однесуваат одговорно во името на граѓаните што ги претставуваат во парламентот.
Тие истакнуваат дека во интерес на актуелноста на состојбите и исполнувањето на функцијата на оваа институција, пратеничките прашања треба да користат во правец на носење издржани и позитивни политики во служба на државата на идентичен начин како што функционираат демократиите од ЕУ.
Јован Митевски, координатор на пратеничката група на СДСМ, вели дека состојбите се такви какви што се поради пратеничкиот имунитет.
– Некои од пратениците од говорница ја злоупотребуваат својата функција бидејќи имаат пратенички имунитет. Па, нивните дебати не само во периодот кога се практикуваат пратеничките прашања туку општо и севкупно се некоректни и полни со популизам насочен кон соперниците – вели Митевски.
Тој истакнува дека секогаш постои подобрување на актуелните состојби на оваа тема и на него активно се работи повеќе години во процесот на Жан Моне.

Каде е центарот на демократијата?

Пратеникот Љупчо Пренџов од партијата Гром смета дека во суштина формата и временскиот интервал на случувањата се едни од најголемите проблеми поради кои во парламентот не функционира воопшто механизмот на пратеничките прашања.
Дополнително, објаснува Пренџов, пратениците на партиите од власта, без разлика која партија владее со државата во одреден момент, имаат навика да се однесуваат како центарот на демократијата во земјата да не е парламентот туку дека тоа е Владата.
– Во Македонија мораме да разбереме дека Собранието е главниот центар во кој се практикува непосредната демократија, а Владата е извршната власт што ги спроведува политиките што ги наложува парламентот. Сѐ додека не се разбере тоа, дотогаш ќе имаме дебати без есенција и со слаба ефективност во демократијата, какви што се во моментов пратеничките прашања – вели Пренџов.
Тој додава дека ако навистина сакаме да имаме реално и пропорционално отсликување на прашањата на граѓаните што преку пратениците им се поставуваат на министрите, ние во Македонија треба да ја зголемиме или зачестиме динамиката на овие случувања, кои треба да ги има барем најмалку двапати месечно.
Од партијата Левица, пак, информираат дека тие ги оценуваат пратеничките прашања како нефункционален демократски механизам, кој има многу пропусти во начинот на кој е поставен и како функционира. Оттаму подвлекуваат дека партијата досега има непријатно искуство кога го употребува овој механизам во парламентот, бидејќи тој е раководен непрофесионално.
Од Левица велат дека конкретно коментирајќи ги последните пратенички прашања во парламентот, пратениците од оваа партија остро реагирале до претседателот на Собранието, Талат Џафери, бидејќи сметаат оти биле неправедно и непрофесионално позиционирани да бидат последни на листата кога се поставуваат нивните прашања до владините функционери.


Партиите го загубија линкот со гласачите

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека пратеничките прашања, кои се т.н. простор за активна полемика во нашиот парламент, во суштина се нефункционални.
– Се добива впечаток дека оваа форма на политичка комуникација во Македонија повеќе служи како сцена во која партиите ги спротивставуваат своите идеологии и интереси, отколку сето тоа да е простор на кој ќе се решат проблемите што ги засегаат граѓаните, односно луѓето што ги изгласале пратениците во нашиот парламент – вели Арсовски.
Според него, кај нас оваа форма на дејствување е очигледно нефункционална, а сето тоа доби негативен контекст уште повеќе во периодот кога парламентот функционира во време на пандемија.
– Претходно, пратениците имаа средби со граѓаните, имаше еден ден од неделата каде што тие во своите канцеларии ги примаа гласачите, наводно да ги слушнат нивните размислувања. Сега сето тоа е замрено, што од ковид-19 што од политиките на партиите, кои сега едноставно како да немаат интерес да ги слушнат одблизу своите гласачи – вели Арсовски.
Тој резимира дека расипаниот линк со гласачите и преголемата политизираност на дебатите се главната пречка поради која ние денес имаме нефункционален парламентарен механизам од оваа област.

[email protected]