Фото: Игор Бансколиев

Обелоденувањето на последниот случај на организиран криминал и изнудување пари, наречен „Рекет“, ги става на испит не само интегритетот на СЈО туку уште повеќе и функционалноста на целокупниот правен и политички систем во целата држава

Симптоматично совпаѓање на ковертираната оставка на првата специјална обвинителка, Катица Јанева, со речиси истовременото приведување на Бојан Јовановски (Боки 13), неформален сопственик на приватна телевизија, како првоосомничен за уцена и перење при во предметот „Рекет“ на Обвинителството за организиран криминал (ООК), на посреден начин, во голема мера влијае компромитирачки за кредибилитетот и довербата на јавноста спрема специјалното јавно обвинителство, односно Јавното обвинителство за гонење кривични дела, кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Особено што, веднаш по оставката, за потребите на истрагата за „Рекет“, на еден(а) обвинител(ка) му (и) е одземен мобилниот телефон од ООК, поради сомневање за интензивна комуникација со првообвинетиот. Во јавноста веќе неофицијално (според објавените иницијали на обвинителот) инкриминираниот мобилен телефон и спорната комуникација се поврзува токму со специјалната јавна обвинителка во оставка. Иако својата оставка Катица Јанева ја аргументира со политички причини, односно нејзината личност да не биде пречка во политичките договори меѓу партиите за понатамошната судбина на специјалното јавно обвинителство, која треба да се регулира со новиот закон за јавно обвинителство, на интернет-медиумите и социјалните мрежи коментарите и информациите одат во насока дека оставката е мотивирана токму од случајот на организиран криминал, „Рекет“. Дури и таквото шпекулативно поврзување на овие две формално различни случувања, воопшто не одат во прилог на и онака разнишаниот рејтинг на СЈО, за кое во текот на неговото, речиси четиригодишно, постоење постојат дијаметрално спротивни перцепции во политичката јавност: од моќна алатка во борбата против организираниот криминал до отворено сомневање во капацитетите на специјалниот обвинителски тим.

– Ако се точни шпекулациите за поврзаноста на луѓе од СЈО со актерите во предметот „Рекет“ на ООК, тогаш тоа би ги компромитирало сите надежи и очекувања што беа вложени од македонската јавност за функционирање на правната држава. Особено што СЈО беше создадено како проект на политички договор со голема поддршка од јавноста, поради нефункционалност на правната држава. Со неговото формирање се случија големи поместувања и редефинирање на политичката сцена, а за овие четири години постоење не испорачаа некои големи резултати. И тоа придонесува за недовербата во јавноста што постои во последниов период. Доколку се потврдат шпекулациите, може да се случи популарните македонски Чарлиеви ангели, да испаднат јатаци на организираниот криминал против кој треба(ше) да се борат – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

Со евентуалната поврзаност на некој од првите луѓе на СЈО, со осомничени за „рекетирање“ токму на обвинети за висока корупција токму во случаи на ова обвинителство, ја става под сомневање целата досегашна работа и сите други предмети и отворени истраги од него. Тоа, секако, не оди во прилог на интегритетот на СЈО и враќање на довербата на јавноста во правната држава, иако претставници од власта велат дека самото отворање на предметот „Рекет“ и ангажирањето на Обвинителството за организиран криминал е „доказ за функционирање на правниот систем“.

Случајот „Рекет“ на свој начин ги покажа парадоксалноста и нефункционалноста на вака поставениот правен систем, во кој една правна институција води истрага за друга правна институција.

– Со „Рекет“, апсолутно се компромитирани и сите други истраги и предмети на СЈО. Отворањето истрага за тој случај и поврзаноста на актерите од предметот со лица и предмети под обвинение од СЈО, навраќа и на некои чудни одлуки на обвинителството во блиското минато. На пример, беше блокиран имотот на една партија, па деблокиран… Некои лица беа притворени со отворањето на предмети за нив, па набргу ослободени… Им беа одземени, па вратени пасошите… Покрај тоа, сѐ почесто има и „истекување“ во јавноста на снимки, за кои се претпоставуваа дека се од фундусот на СЈО… Сето тоа, по „Рекет“ добива некоја појасна перспектива на сомневање и недоверба во досегашните постапки на СЈО – вели адвокатот Давидовиќ.

За да се задржи надежта дека сепак може да функционира правната држава, Давидовиќ смета дека истрагата за предметот „Рекет“ треба да се спроведе законски и транспарентно, без затскривање на Обвинителството за организиран криминал зад флоскулата „презумција на невиност“, во случај каде што јавниот интерес е голем. Понатаму, адвокатот смета дека судбината на СЈО мора да добие законска разврска и да не биде понатаму правен орган без контрола, со неограничени финансиски средства и законска недопирливост.

– Се покажа дека обвинителите од СЈО не се дораснати за улогата што им беше доделена – Чарлиеви ангели, или бескомпромисни и принципиелни бранители на правдата – смета Давидовиќ.

Фото: Игор Бансколиев

Уценувани бизнисмени

Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека гони двајца осомничени за рекетирање на познат бизнисмен, кој бил под истрага од обвинителство. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Бојан Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за да на крајот му бидат исплатени 1,5 милион евра на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот, за кој се воделе истражни постапки, биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски. Првоосомничениот, како што објасни обвинителката од ООК, Вилма Русковска, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител“ за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба во постапката“. Првоосомничениот Јовановски се гони и за кривично дело перење пари, затоа што добиените 1,5 милион евра „ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмори и сл“. За потребите на истрагата е извршен претрес во домовите и работните простории на приведените, а во јавноста веќе се појавија неофицијални информации дека во просториите на телевизијата, чијшто неформален сопственик е Јовановски, биле пронајдени снимки, наводно подготвени за уцена и на други бизнисмени опфатени во предмети и истраги на СЈО.


Ленче Ристовска: Примарен интерес – интегритетот на СЈО

Во текот на вчерашниот ден, по оставката на првата специјална јавна обвинителка Катица Јанева, нејзината колешка Ленче Ристовска одржа прес-конференција, во име на преостанатиот тим на СЈО. Таа истакна дека дејствата на поединци не ги карактеризираат дејствата на СЈО и дека ќе продолжи да се работа на досегашните постапки.
– Стоиме зад работата што сме ја завршиле и сите постапки за кои имаме судења не се доведени во прашања и нашите постапувања се во рамките на законските прописи. Ве информирам дека внимателно следиме сѐ и изразуваме голема загриженост и апелираме да се почитува начелото на презумција на невиност. Се приклучувам на повикот на државниот јавен обвинител секое лице да пријави сѐ што има и сакам да потенцирам дека сме отворени за соработка со колегите. Сѐ што имаме како информација, тука сме за да им помогнеме на колегите од организиран криминал. Потенцирам дека сите можни сомненија на кои работи ова обвинителство, не смеат да ги доведат во прашање постапките и останува цела работа на СЈО и верувам дека ќе има и уште осудителни пресуди – изјави Ристовска.
Освен тоа, Ристовска во име на сите обвинители и во име на целиот истражителски тим, уверуваше дека примарен интерес им е зачувувањето на интегритетот на СЈО и дека секогаш постапувале во согласност со законските прописи и биле на ниво на задачата.
– Ќе продолжиме да го истражуваме криминалот – изјави на прес-конференцијата обвинителката од СЈО, Ленче Ристовска.