Фото: Зоран Антоски

Според бројките добиени во 15 часот, општина Македонски Брод бележи висока излезност од близу 50 отсто, Кичево на рамништето од првиот круг, додека во Пласница и понатаму се бележи ниска излезност.

– Во нашата општина до 15 часот гласале вкупно 10.849 избирачи или во проценти 21,57 отсто, што е помалку од првиот круг кога во истиот период гласале 11.117 граѓани или 22,10 отсто. Според динамиката на излезност, очекуваме до затворањето на избирачките места да дојдеме до бројките од првиот круг – вели Антигона Сефери од ОИК Кичево.

Општина Македонски Брод како и при првиот круг од Претседателските избори и сега бележи рекордна излезност.

-Како и во првиот круг така и при вториот круг од Претседателските избори, нашата општина бележи рекордна излезност. Така во општина Македонски Брод до 15 часот гласале вкупно 2 518 граѓани или 49,75 отсто, од бројот на избирачите запишани на единствениот избирачки список. Се надеваме дека до затворањето на избирачките места 19 часот излезноста на нашите граѓани ќе биде и многу повисока – рече Лена Милошеска од ОИК за Македонски Брод.

Во општина Пласница бројот на избирачите кои гласале е во пораст, но е најнизок од сите општини во регионот. Така во оваа општина до 15 часот гласале 793 граѓани или 15,86 отсто и споредено со првиот круг, има речиси двојно поголема излезност. З.А.