Фото: Зоран Антоски

На денешните предвремени парламентарни избори, на претпоследниот пресек, општина Македонски Брод бележи висока излезеност на граѓаните, во општина Кичево излезноста е просечна, додека во општина Пласница традиционално се бележи ниска излезност на жителите од овој регион.

Така во овој период во општина Македонски Брод гласале 2.809 граѓани или 55,61 отсто од запишаните на единствениот избирачки список,додека во општина Пласница во истиот период своето демократско право го искористиле 1.303 граѓани или 25,80 отсто.

Бидејќи општина Кичево припаѓа на две изборни единици 5 и 6, во градот Кичево и во населените места од јужната регија гласале вкупно 12.089 избирачи или 39,27 отсто, додека во селата од северниот регион гласале вкупно 5.694 избирачи или 29,01 отсто.

– Во нашата општина од вкупниот број гласачи 50.410 до 17 часот своето избирачко право го искористиле 17.783 гласачи или 35,28 отсто. Во наредните четири часа да очекуваме излезноста да се зголеми, а со тоа да порастат и процентите на лица кои го дале својот глас. Инаку, највисока излезеност е забележана на неколку избирачки места во градот, додека нешто помала излезност се бележи во дел од селата. Во текот на целиот ден гласањето протекна во склад со протоколите за заштита од ковид-19, од дезинфекција на рацете, носење заштитни маски, до еднократно користење на пенкало за гласање и ставање потпис на избирачкиот список – истакна Мире Ночески од ОИК за Кичево. З.А.