Аларм по кој веднаш и решително треба да се реагира

Во последниов период може да се забележат промени во именувањето на Македонците на семрежната енциклопедија што е позната како Википедија. Промените се особено видливи во бугарската и во грчката, меѓутоа промени има и во француската и во португалската верзија.
На грчката Википедија можеме да прочитаме дека славомакедонците се словенска нација што претежно живее во Република Северна Македонија. Тие зборуваат славомакедонски јазик, јужен словенски јазик (порано нарекуван бугарски или словенски јазик), а го нарекуваат македонски јазик. Во Грција, генерално сите што себеси се идентификуваат како етнички Македонци се нарекуваат скопјани, без разлика дали потекнуваат од градот Скопје.
На бугарската Википедија се сретнува терминот северномакедонци или Македонци. Во понатамошниот дел се сретнува објаснувањето дека според идеологијата на македонизмот, словенското население во географската област Македонија или нивните потомци имаат македонски национален идентитет. По договорот од Преспа од 2018 година и официјалната промена на името на државата во Северна Македонија, се започнува со нивно именување како северномакедонци.

Исто така, треба да се забележат промените што настанале во статијата што се однесува на Република Македонија. Тука македонскиот јазик е заменет со терминот македонска литературна норма за која има објаснување дека се однесува на македонска јазична норма, северномакедонска литературна норма, северномакедонска книжевна норма и итн. Во однос на народноста се вели Македонец, граѓанин на Република Северна Македонија, меѓутоа оваа статија води кон статијата „Население на Северна Македонија“ во која Македонците се во графата северномакедонци.
Промени има и на француската Википедија, каде што можеме да прочитаме дека македонските Словени се јужнословенски жители во регионот на Македонија. Најголемиот дел од македонските Словени живеат во Северна Македонија, меѓутоа има славомакедонско малцинство во источниот дел на Албанија, југозападна Бугарија, северна Грција и јужна Србија. Македонските Словени говорат на славомакедонски јазик, јужнословенски јазик, и го користат кирилското писмо.

Во португалската верзија исто така има промена, тука за Македонците терминот е заменет со славомакедонци, со објаснување дека исто така се познати како Македонци и се словенска етничка група. Во оваа верзија јазикот се именува како македонски што припаѓа на словенската група јазици.
Треба да се напомене дека статијата „Македонци“ на другите јазици се однесува за Македонците како етничка група, за разлика од бугарската и грчката статија во која Македонците се класифицирани како нација, а не народ. Во споредба со нив, во англиската, кинеската, руската, белоруската, српската, албанската, хрватската, турската и другите верзии се користи изразот Македонци, и тоа како одделна етничка група.