Македонија и понатаму останува посветена на заложбите да ги решава прашањата со соседна Бугарија, но и јас како премиер веќе не знам кој е проблемот, изјави премиерот Зоран Заев викендов, откако од Софија стигнаа нови пораки за тоа дека тие немало да ги предадат граѓаните со бугарско државјанство во Македонија
– Ние сме пријатели, јас навистина вчера испратив порака дека треба да го решаваме проблемот, којшто не знам кој е. Претседател сум на оваа влада, почнаа од долгото – краткото име, дефиниравме дека краткото име е исто што и долгото име Република Северна Македонија, нема никакви територијални претензии, нема да ја нападнеме Бугарија, тамам работа, пријатели сме, и не само тоа – кажа Заев.
Премиерот викендов од Битола посочи дека доколку населението и граѓаните на земјата сакаат на спомен-обележјето од Втората светска војна да остане името „Бугарски фашистички окупатор“, така и ќе биде, а земјава и натаму ќе продолжи да работи на добрососедските односи со Бугарија.

Претходно Заев изјави дека е подготвен да ги промени натписите на спомениците од Втората светска бојна на кои пишува бугарски фашистички окупатор, за што реагираше и првиот човек на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека ако се променат таблите, тие веднаш ќе ги вратат
– Враќањето на таблите што ја рефлектираат вистинската историска вистина, а Заев ќе ги смени, ќе биде меѓу првите грешки што ќе ги исправиме – посочи Мицкоски.
И од другата страна на границата пристигнаа нови провокации, и тоа токму од бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој смета дека пренесувањето на македонско-бугарскиот спор во Европската Унија нема да донесе несигурност и нестабилност во Унијата, бидејќи позицијата на Бугарија е правилна.
– Не правам компромис со антибугарска политика, не ме интересираат поинаквите ставови на дел од европските партнери. Имаше обиди да нѐ разубедат за работи за кои сепак немаа аргументи. Јас го разбирам обидот на некои од партнерите да наложат да отстапиме, но на крајот Бугарија мора да се грижи за своите интереси – кажа Каракачанов.

Бугарскиот претседател, Румен Радев, посочи дека патот на Скопје до ЕУ води преку Софија и дополни дека „договорот беше добронамерен. Кога стана јасно дека не се почитува, во 2018 година реков дека е потребен нов анекс“.