Фото: Маја Јаневска-Илиева

На собирот свое видување за околностите и предизвиците во државата дадоа
актуелниот претседател Стево Пендаровски, поранешните шефови на државата, Ѓорги Иванов и Бранко Црвенковски, како и најблиските соработници на починатите претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров

Научен собир во МАНУ по повод 30 години од независноста на државата

Актуелниот претседател, но и поранешните шефови на државата и блиски соработници на двајцата починати претседатели (Киро Глигоров и Борис Трајковски) ги искажаа своите анализи за развојот на македонската држава на научниот собир, кој се одржа вчера во МАНУ, под наслов „Современата македонска држава – две етапи од процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година“. Во своите обраќања тие ги посочија и клучните точки во визијата за понатамошниот напредок на државата.
Во својот воведен говор, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, осврнувајќи се на историјата на македонскиот народ и вековите минати во политички рамки на главно четири империи, или царства, заклучува дека „тие империи, царства и кралства исчезнале и се распаднале“.
– А она што останало во времето и просторот, она што не умрело и не исчезнало, тоа е македонското духовно и материјално наследство: ракописите, пишаниот збор, уметничките творби, научните достигнувања и градбите. За Свети Климент, поимите просвешчение и спасени се еквивалентни; просветувањето е спасување, а спасувањето е просветување. Значи, повеќе од 1.000 години, ние, Македонците, сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето, со она што е најнеуништливо, со својот збор, со својот креативен, уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, а пред сѐ, тука во храмот на науката и уметноста, тука во МАНУ – се обрати Коцарев на почетокот на научниот собир. Претседателот на МАНУ изрази радост, гордост и спокој за тридецениската независност на Македонија, откривајќи дека тие не произлегуваат од актуелните политички околности во и за Македонија (кои не се добри), туку од увереноста, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следуваат.

Живко Кондев, долгогодишниот соработник и шеф на кабинетот на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, навраќајќи се на повеќе историски одлуки и изјави на првиот претседател, нагласи дека личноста и делото на Глигоров на своевиден начин ги поврзува двата столба на македонската државност: АСНОМ од 1944 година, на кој Глигоров бил учесник, и 8 Септември 1991, кога на референдум е донесена одлука за независна македонска држава. Кондев потсети дека во многу од изјавите на Глигоров, искажани во премрежињата на неговото претседателствување и политичко дејствување, можат да се пронајдат решенија за актуелните политички искушенија во кои се наоѓа Македонија.
– Животот е борба, во која не победуваат секогаш посилните – е мислата на Глигоров, која Кондев ја наведе како своевидна порака за соочувањето со современите политички искушенија на Македонија на патот кон ЕУ.
Советникот на претседателот Борис Трајковски, универзитетскиот професор Владо Поповски, клучната улога на вториот македонски претседател ја лоцира во неговите напори и дејствија за надминување на етничката поделеност во земјата, во моментот кога стапил на должност. Таквиот предизвик драматично ескалирал во 2001 година, за време на воениот конфликт предизвикан од паравојските со албански етнички предзнак. Според Поповски, иако претседателот Трајковски сметал дека таквите паравоени структури се борат за освојување територии, сепак не дозволил да биде потиснат моментот на согледување на потребата и барањата на албанската етничка заедница за поголеми општествени и социјални права. И покрај сите предизвици, според Поповски, несомнена е заслугата на претседателот Борис Трајковски за Охридскиот договор и надминување на меѓуетничката поделеност во Македонија. Уште на почетокот на своето излагање, Владо Поповски нагласи дека „Борис Трајковски беше првиот претседател прифатен од сите граѓани на Македонија, иако само една личност се извинила зашто го предложила за претседател“.

Во својата анализа на трите децении независност на Македонија, претседателот Бранко Црвенковски, прво ја прифати целата одговорност од времето на неговиот прв премиерски мандат, односно за доминантната перцепција на периодот на транзицијата од 90-тите години на минатиот век со лошата приватизација. Како најголема грешка во процесот за приватизација, тој го наведе моментот дека не успеале да создадат систем што ќе ги заштити малите акционери во фирмите. Сепак, Црвенковски истакна дека во тој историски миг, Законот за приватизација во Македонија, кој бил своевидно продолжение на Законот за приватизација од југословенската влада на Анте Марковиќ, изгледал праведен, иако неговото спроведување во практика го покажало спротивното. Во врска со актуелните искушенија за македонската држава, поврзани со спроведувањето на договорите со Грција и со Бугарија, Црвенковски констатира дека иако не смета дека Преспанскиот договор е добар, сепак тој на извесен начин затвори едно прашање, еден долгогодишен проблем. Но, според него, Договорот за добрососедство со Бугарија ја отворил Пандорината кутија на многу старо-нови проблеми во македонско-бугарските односи. Осврнувајќи се на девизата за безалтернативност за македонската иднина, надвор од ЕУ и од НАТО, Црвенковски предупреди на можноста за распаѓање на ЕУ и потребата на Македонија да се развива како суверена држава. Во тој контекст, тој ја искажа идејата и алармантната потреба за македонска национална стратегија, со која би се согласиле сите политички фактори, а како најсоодветни за нејзина подготовка, ги повика токму МАНУ, универзитетите, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, како организатор на научниот собир изрази
радост, гордост и спокој за тридецениската независност на Македонија, откривајќи дека тие не произлегуваат од актуелните политички околности во и за Македонија (кои не се добри), туку од увереноста, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори и во вековите што следуваат. Повеќе од 1.000 години, ние, Македонците, сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето, со она што е најнеуништливо, со својот збор, со својот креативен, уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, истакна Коцарев

Претседателот Ѓорге Иванов, на научниот собир во МАНУ, учествуваше со свое видеобраќање. Физичкото неприсуство на претседателот Иванов на собирот беше поради фактот што сѐ уште не бил имунизиран против ковид-19. По временска дистанца од 10 години, разгледувајќи го зборникот од научниот собир во 2011 година, по повод 20 години од независноста на Македонија, претседателот Иванов констатираше дека се покажала оправдана загриженоста на тогашните говорници за иднината на македонската држава и македонскиот национален идентитет. Според Иванов, разнебитувањето на македонскиот народ е започнато со Охридскиот договор, со кој македонскиот народ од националитет е сведен на етницитет, т.е. на етничка група, со што започнало неговото своевидно правно, политичко и историско поништување. Претседателот Иванов цени дека договорите со Грција и со Бугарија покажале дека секој си зема за право да го одрекува постоењето на македонскиот народ, на македонскиот јазик, па и на македонската историја. Идеите за интервенции во историјата на македонскиот народ, со политички диктат, наводно во интерес на евроинтеграциите, претседателот Иванов ги смета за преседан. За Преспанскиот договор, Иванов цени дека со бојкот на референдумот (иако и покрај резултатите од него, тој беше спроведен), македонскиот народ си го зачува правото на сопствено постоење. Тој констатира дека сега живееме, можеби, во најопасното време по Втората светска војна, а Македонија е заробена во состојба на аномија, во својот провинцијализам создаден од кавгите на политичките фактори.

Неговата порака на собирот е дека сега на Македонија ѝ се „потребни луѓе што не можат да се купат и поткупат, и ќе останат на страната на праведноста, дури и небото да се урне… на Македонија ѝ се потребни луѓе што гласно ќе кажуваат дека се Македонци, луѓе што ќе ја градат Македонија како држава… луѓе и народ што ќе се домакедончат“.
Актуелниот македонски претседател Стево Пендаровски го постави прашањето: колку меѓународната констелација погодуваше за формирање на македонската држава на крајот од Втората светска војна, споредена со онаа што постоеше по распадот на Југославија во 1991 година? Сепак, тој заклучи дека „држава направивме и неа нема да ја изгубиме!“ Но понатамошниот предизвик е во каква држава живееме, односно дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Главните предизвици за иднината на Македонија, претседателот Пендаровски ги подели во три групи.
– Во првата се старите предизвици што за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сѐ уште нови, а за светот стари проблеми што со нив се занимава со децении, и во последната ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас – кажа Пендаровски.
Во заклучокот на своето обраќање, претседателот Пендаровски констатира дека „ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние што не гласале за него“.
– Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите, кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој што ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме – поентира актуелниот македонски претседател.