На денешниот протест пред Министерството за здравство се обрати пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која истакна дека поради епската неспособност на власта Македонија се најде во првите места на починати од ковид-19.

– Денес имаме 123.000 болни, 3.600 починати. Корона вирусот, Зоран Заев и неговиот министер за болeст Венко Филипче, се имињата на тешкиот товар кој и застанал на градите на татковината и не и дава да дише. Нивната епска неспособност, леснотијата со која газат по човечките животи и игнорирањето на илјадниците заболени во македонските болници, ја вброија Република Македонија во првите места на починати по глава на жител во светски рамки. Катастрофалните политики на Заев и Венко Филипче, ние македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, ги плаќаме со триесеттина човечки животи дневно. Нивната мизерна улога во нашето македонско секојдневие , деноноќно се мери во десетици пресни гробови на секаде низ Македонија. Одговорност нема бидејќи совеста како категорија, не е составен дел од овие опскурни фигури на тажната македонска реалност. Во земјава од оние кои ги плаќаме за тоа не е донесена ниту една единствена вакцина, а во способноста за масовна имунизација никој и не верува. Заевистан е меѓу единствените земји во светот во кои имунизацијата воопшто не започнала – рече Мизрахи.

Таа нагласи дека во време кога земји како Уганда, Авганистан и Сирија веќе започнале процес на вакцинирање, во Македонија се живее со информациите за заминување на деца од по дваесетина години.

– Неспособноста на Заев и Филипче ја плаќаме со македонска младост. И додека нашите сограѓани секојдневно агонично се борат за кислород во некоја од македонските болници, првиот соработник на Заев, Љупчо Николовски оди да и посвети три дена на својата сопруга во Дубаи, додека поранешниот секретар на Владата Драги Рашковски ни испраќа разгледници со најубави желби од плажите во Мексико – истакна Мизрахи.

За иронијата да биде поголема, рече Мизрахи, а сарказмот да стигне до небото, тука се и таканаречените подготовки за попис, додека македонските градови и села пиштат од болка по прерано заминатите, а тоа е само една од нивните душмански политики во оваа земја на некролози.

Мизрахи додаде и дека ВМРО ДПМНЕ бара итно одложување на пописот и ставање на сите капацитети на државата во борбата за справување со вирусот ковид-19.

– Ќе им текне ли да ги слушнат повиците за помош на градоначалниците? Ќе ги дезинфицираат ли општините ? Ќе го активираат ли Центарот за справување со кризи? Ќе набават ли потребни лекови, оние за кои граѓаните молат на Фејсбук? Зошто од кога „Ќе“ стана омилено на владиниот ПР , „ќе“ стана омразено кај народот. Не сакам да чујам ни едно Ќе. Сакам решенија и тоа веднаш, и затоа оставка веднаш – порача Мизрахи.

На крај таа нагласи дека не е време за политика, туку за спасување на животи и затоа се потребни кои ќе повлечат напред, кон здравјето и кон иднината.

– Доста не влечеа напред, право кон дното, кон сидрото на Заев. Венко ,ти одамна ја заборави Хипократовата заклетва. Оди си – порача Мизрахи.