Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека македонски пасоши се делеле и на борци на ИСИС, откако стана извесно дека над 200 македонски пасоши завршиле кај криминални структури и нарко картели.

Антонијо Милошоски на прес-конференција истакна дека македонски пасош издаден од МВР во 2018-та година има и косовскиот државјанин Фитим Дема, член на радикалната терористичка група ИСИС.

Тој бил баран со потерница од приштинскиот суд за одлежување на затворска казна, но на непознат начин успеал да стигне во Македонија и од Македонија да добие македонска патна исправа со лажен идентитет.

Понатаму, како што објави Милошоски, во февруари 2019-та година на пристаништето во Валона бил уапсен Фитим Дема, косовски државјанин кој имал македонска патна исправа. Инаку во Сирија бил познат како еден од најблиските соработници член на Љавдрим Мухаџери, еден од најпознатите членови на ИСИС и на оваа терористичка организација од регионот.

– Фитим Дема бил баран за издржување на затворска казна за учество во терористичка група и учество во странска војска од страна на судот во Приштина. Во март 2018-та година им побегнал на косовските власти. И во 2018-та година исто така успеал да извади македонски пасош со лажен идентитет – вели Милошоски.

Според тврдењата на опозицијата, откако добил македонски пасош, намерата на Дема му била со траект преку Валона да замине за Бриндизи во Италија. И тогаш благодарение на препознавањето од страна на граничната полиција на Албанија е уапсен и е констатирано дека има македонска патна исправа, за што албанските медиуми пишуваа во текот на 2019-тата година.

– Да го потсетиме министерот дека во 2018-та година кога Фитим Дема, терористот од ИСИС добива македонски пасош, министер е Оливер Спасовски за да не се збуни да не наведе друг министер во тоа време. Исто така во 2019-та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски кога албанските медиуми на големо пишуваат дека е уапсен Фитим Дема, терорист од ИСИС кој што поседува македонска патна исправа – рече Милошоски.

Тој додаде дека во нормална држава, министерот за внатрешни работи после еден ваков голем скандал ќе си поднесеше оставка. Но, во Македонија гледаме дека наместо одговорност, испаѓа дека мафијата си има своја држава и никој не поднесува одговорност. ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара оствака од Спасовски. Давањето на македонски пасоши на лица, припадници на ИСИС како терористичка организација не само што ја загрозува безбедноста на Македонија и регионот туку ги загрозува и интересите на сите земји членки на НАТО и ЕУ. Ваквото делување, тврди Милошоски, не можело да помине без знаење на највисоките раководни структури во МВР.