Нема економска оправданост и причина Собранието да има пет потпретседатели, смета поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

– Во врска со закажаната седница за бројот на потпретседатели во Собранието, сакам да ја информирам јавноста како било за време на претходната власт, а како е сега. Во време на претходната власт од 2006-2008 година имаше тројца потпретседатели, од 2008-2011 година – 3 потпретседатели, од 2011-2014 година – 3 потпретседатели и од 2014-2016 година – тројца потпретседатели. „За време на сегашнава власт од 2016-2020 година имаше 5 потпретседатели, како и од 2020-2024 година – вели Вељаноски.

Тој во соопштение до јавноста наведува примери во други држави.

– Во САД има 435 пратеници и еден потпретседател, во Велика Британија има 650 пратеници – 3 потпретседатели, во Словенија има 90 пратеници и тројца потпретседатели, во Италија има 630 пратеници и 4 потпретседатели, и во Германија има 709 пратеници – 5 потпретседатели – вели Вељаноски.

„Демократијата е скапа играчка, но изгледа само во Македонија важи правилото, што поскапо тоа е поголема демократија.Нема економска оправданост и причина за толкав број на потпретседатели на Собранието“, наведува Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието.

За денеска во 11 часот е закажана собраниска седница за предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието. Во предлог одлуката потпишана од собранискиот спикер Талат Џафери се наведува дека Собранието има пет потпретседатели.