Вештачка интелигенција: придобивки и недостатоци

Во денешнава колумна ќе проговорам за некои аспекти на вештачката интелигенција. Современите компјутерски програми и алгоритми се способни да учат, да се приспособуваат и да одлучуваат, а со тоа постојано да се унапредуваат – својства со кои се карактеризираат интелигентните агенти. Во научното поле вештачка интелигенција, интелигентен агент е уред што ја препознава својата околина и презема активности со кои се зголемуваат шансите за остварување некаква цел.
„Тоа не е човечки потег… Толку убаво. Прекрасно.“ Со овие зборови, Фан Хуи, европскиот шампион во играта го, го коментираше победничкиот потег на машината/компјутерот АлфаГо (AlphaGo) во вториот натпревар против светскиот шампион Ли Сидол. Не само Хуи туку и сите што го следеа овој необичен натпревар, во периодот од 9 до 15 март 2016 г., меѓу шампионот и машината, видоа голема грешка на компјутерската програма и очекуваа светскиот шампион да изедначи на 1:1. Сепак, компјутерот не „мислеше така“. Со споменатиот потег, компјутерот ги вчудовиде сите присутни велемајстори на оваа игра, го доби вториот натпревар и на крајот триумфира со севкупен резултат од 4:1.
Вештачката интелигенција и игрите имаат долга испреплетена историја, што може убаво да се илустрира со играта шах. За да ја импресионира царицата Марија Тереза ​​од Австрија, во 1770 година Волфганг фон Кемпелен ја изгради првата „интелигентна“ машина што може да игра шах. Оваа лажна машина за играње шах, всушност, беше илузија – внатре во машината се криеше шаховски мајстор којшто управуваше со машината. Во раните педесетти години од минатиот век, Фон Нојман го разви компјутерот MANIAC I, за којшто беше напишана првата програм за играње една варијанта на играта шах со намалена 6×6 табла.

Во 1997 година, програмата за играње шах, развиена од ИБМ и наречен Длабоко сино (Deep Blue), го победи актуелниот светски шампион, Гари Каспаров, во натпревар од шест партии.
Во декември 2018 година, во списанието „Наука“, се појави трудот (во слободен превод) „Општ алгоритам за подобрено учење што ги совладува игрите шах, шоги и го преку играње со самиот себе“ (на англиски „A general reinforcement learning algorithm that masters chess, shogi, and Go through self-play“). До 2018 години, програмите за игри што се натпреваруваа со луѓето беа развивани, за одредена конкретна игра, повеќе децении, искористувајќи ги специфичните особини на играта и знаењето на експертите. Компјутерот АлфаНула (AlphaZero), меѓутоа, учи да игра, играјќи само сам со себе, при што ги користи исклучиво правилата на играта, но без знаењата на експертите. Поточно, АлфаНула ги замени знаењето и аргументите за специфичните домени користени во традиционални програми за игри со длабоки нервни мрежи, општонаменски алгоритми за подобрено учење (reinforcement learning) и општонаменски алгоритми за пребарување по дрва. Иако базиран на игри, пристапот во АлфаНула отвора големи можности за сите дисциплини што се базираат на правила. Системите слични на АлфаНула немаат потреба од податоци, немаат проблеми со чистењето податоци и немаат потреба од користење експертско мислење.
Споредувајќи ја шаховската игра на АлфаНула со Длабоко сино, Строгац, професор по математика на универзитетот „Корнел“, во есејот „Еден џиновски чекор на машината за играње шах“, за весникот „Њујорк тајмс“, на 26 декември 2018 година ќе напише: „Длабоко сино играше како машина, брутално и материјално. Машината можеше да го надмине г. Каспаров во пресметување, но не и во мислење“. Меѓутоа, според професорот, „најзагрижувачки беше тоа што се чини дека АлфаНула изрази капацитет за длабоко интуитивно разбирање на играта шах. Играше како никогаш досега, интуитивно и убаво, со романтичен напаѓачки стил“.

Весникот „Гардијан“ на 8 септември 2020 година објави колумна со наслов „Робот го напиша целиот напис. Уште се плашиш, човеку?“ Колумната беше напишана од GPT-3 (Генеративен претходно обучен трансформатор), компјутерски модел/програма што користи машинско учење за да произведе текст што личи на човечки текст. Моделот произведе осум различни есеи. Секој од нив беше уникатен и интересен, подвлекувајќи различни аргументи. Весникот „Гардијан“, наместо да објави еден есеј, за да ги долови различните стилови на вештачката интелигенција ги одбра најдобрите делови од секој од нив и тој текст го објави во „Гардијан“. Текстот (колумната) завршува со цитат на Ганди: „Мала група одлучни луѓе со емоции и карактер, разгорени со неизгаслива вера во својата мисија, можат да го променат текот на историјата“, заклучувајќи дека тоа – да ја промени историјата – може да го направи и вештачката интелигенција, поточно: „Тоа го можам и јас“. Способноста на GPT-3 да имитира текстови напишани од луѓе, на многумина им изгледа како пресвртница на патот кон вистинската машинска интелигенција и претставува голем чекор кон машините што можат подобро да разбираат и да комуницираат со светот. Но GPT-3 не разбира што пишува, така што понекогаш резултатите се грешни и бесмислени текстови.
Мислителите и филозофите во однос на вештачката интелигенција често застапуваат дијаметрално спротивставени ставови: за едни, вештачката интелигенција ниту е можна ниту е морална, додека, за други, вештачката интелигенција наскоро ќе биде многу помоќна од човечката интелигенција. Брзиот развој на вештачката интелигенција неминовно го наметнува прашањето за постоењето на сингуларност. Што ќе се случи ако човечката и вештачката интелигенција се изедначат? Технолошка сингуларност е хипотеза дека ненадејното пронаоѓање на вештачката суперинтелигенција ќе предизвика технолошки раст, што ќе резултира со промени во човечката цивилизација коишто не можат целосно да се разберат. Прашањето за сингуларноста е еден од најинтригантните дискурси со кои се занимаваат денес водечките светски футуристи и научници, но и обични луѓе. Иако сингуларноста сѐ уште е во доменот на хипотетичката размисла, голем број членови на научната заедница веруваат дека прашањето не е дали ќе се случи сингуларноста, туку кога ќе се случи и дали воопшто можеме да бидеме подготвени за тоа. Ќе го завршам овој дел од денешнава колумна со зборовите на Фон Нојман во далечната 1950 година: „Забрзаниот напредок на технологијата и промените во начинот на човечкиот живот ќе доведат до приближување кон суштински сингуларитет, по кој човечките работи, како што ги познаваме, нема да продолжат.“

Во еден краток расказ „За точност во науката“, Хорхе Луис Борхес ни претставува замислена империја во која картографската наука станува толку развиена и прецизна, што нејзе ѝ треба мапа на иста скала како самата империја. Тековните пристапи во вештачката интелигенција се карактеризираат токму со тоа: аспирација за мапирање на сѐ, од моделите на вселената до човечките емоции што се толкуваат низ најситните мускулни движења но човечкото лице, сѐ станува предмет на квантификација. Во светот доминираат неколку глобални мегакомпании, кои, со помош на вештачка интелигенција, создаваат нови инфраструктури и механизми за акумулација на капитал и искористување на човечките и Земјините ресурси. Жедта за нови ресурси предизвика потрага по сѐ подлабоки слоеви на податоци што може да се користат за да се измери човечката психа, свесна и несвесна, приватна и јавна, индивидуална и општа.
Во „Анатомија на еден вештачко интелигентен систем“ (Anatomy of an AI System), есеј од 2018 година, авторите, преку примерот на еден производ на Амазон, ги анализираа еколошките и човечките ресурси потребни за развој, производство, одржување и, конечно, отуѓување (отфрлање) на производот Амазон ехо. Животниот циклус на Амазон ехо подразбира меѓусебно поврзан синџир на процеси: (1) добивање литиум во Боливија, (2) создавање големи бази на податоци за учење во Југоисточна Азија, (3) употреба на бродови и меѓународната логистика, (4) анализирање на податоците од страна на Алекса воис сервис низ дистрибуирани податочни центри и (5) складирање дигитален отпад во Гана, Пакистан и во Кина.
Ваквите истражувања помагаат да се разберат глобалните импликации на вештачката интелигенција, но и пошироко, на новите технолошки и инженерски решенија, да се разбере слоевитата природа на преземањето и експлоатацијата на вредности од светот во развој во развиениот свет и да се осветлат нивните темни страни. Вистинската димензија потребна за изградба на технолошките и инженерските системи е премногу сложена, премногу затскриена зад параванот наречен интелектуална сопственост и премногу заглавена во логистичка комплексност за да може целосно да се разбере.

Негативните последици од новите технолошки и инженерски системи треба да се адресираат што поскоро, имајќи ги предвид (1) големиот број веќе дистрибуирани системи со вештачка интелигенција, (2) начинот на кој тие функционираат за централизирање на моќта во рацете на неколкумина и (3) зголемената нееднаква распределба на трошоците и придобивките што ја придружуваат оваа централизација.
Научните достигања и новите иновативни технологии имаат двоен карактер: можат да служат за подобрување на благосостојбата на човештвото, но и да бидат злоупотребени за различни цели, вклучувајќи остварување политички и/или финансиски придобивки на некои поединци. Така, главниот предизвик со кој се соочува човештвото во однос на вештачката интелигенција и научните достигања е контролирање на нивниот двоен карактер. Пошироко гледано, кога станува збор за научните достигања и нивната примена, новите инженерски решенија, вклучувајќи ги и системите во кои е вградена вештачката интелигенција, треба да бидат системи во кои има рамнотежа помеѓу природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна.