Фото: Игор Бансколиев

Иако верските заедници досега повикуваа на почитување на мерките, сепак надлежните институции овој пат очекуваат и нивно поактивно вклучување во заштитата на јавното здравје, на тој начин што ќе дефинираат јасни протоколи за посета на верските храмови и ќе ги повикаат своите верници на одговорно однесување

ВО ПРЕСРЕТ НА ВЕРСКИТЕ ПРАЗНИЦИ РАМАЗАН-БАЈРАМ И ВЕЛИГДЕН СТРАВУВАЊА ОД НОВ МОЖЕН БРАН НА КОВИД-19

Ќе покажат ли одговорност верските заедници пред големите празници Велигден и рамазанските пости и дали ќе подготват посебни протоколи за заштита на здравјето на верниците за да не се претвори чествувањето на овие празници во нова кулминација на заразата од ковид-19? Оваа дилема се наметнува повторно, со оглед на тоа дека овие претстојни два празника се карактеристични со масовни собирања и со семејни прослави.
Инаку, во екот на најголемиот бран и во периодот на почеток на вакцинацијата, на 13 април почнуваат рамазанските пости, а велигденските празнувања, пак, се на почетокот на идниот месец.
Иако верските заедници досега повикуваа на почитување на мерките, сепак надлежните институции овој пат очекуваат и нивно поактивно вклучување во заштитата на јавното здравје, на тој начин што ќе дефинираат јасни протоколи за посета на верските храмови и ќе ги повикаат своите верници на одговорно однесување.

Во тој контекст, вчера кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, биле верските лидери на петте верски заедници застапени во Уставот.
Од кабинетот на Пендаровски велат дека тој укажал на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници, како во негувањето на соживотот што е важен предуслов за просперитет и напредок на државата така и на важноста на нивните постапки за време на пандемијата на ковид-19.
– Поглаварите и претставниците на верските заедници упатија апел до верниците за внимателно и одговорно однесување, сериозно и безусловно почитување на мерките и препораките од здравствените власти, за да се заштитат себеси и оние што ќе одлучат оваа година да ги посетат храмовите по повод празниците, како и за неопходноста од вакцинација на граѓаните – велат од кабинетот на шефот на државата.
Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека состојбата во моментов е, најблаго речено, неповолна.
– Се соочуваме со најдраматичниот период од почетокот на пандемијата. Државата соработува со верските заедници во насока на издигање на свеста за личната заштита на граѓаните, а секако во пресрет на поголемите верски собири и на почитување на сите мерки што ќе бидат важечки. Имаме конструктивен однос и очекувам дека поради тоа и поради искуството што го имаме сите стекнато ќе ги постигнеме посакуваните резултати – посочи директорот Сотировски.

Министерот за здравство Венко Филипче се надева дека дополнителните рестрикции, полицискиот час од 20 до 5 часот и затварањето на угостителските објекти, ќе дадат резултат во пресрет на верските празници Рамазан-бајрам и Велигден.
– Нема да издржиме ако се опуштиме пред верските празници, како што беше случај лани. Сметаме дека треба таква рестрикција, за да се намали притисокот врз болниците – истакна Филипче.
Минатата година, во април, само еден месец по појавата на пандемијата, Велигден се славеше во услови на карантин со празни цркви. Јавноста, но и некои верски претставници тогаш негодуваа поради овие мерки, но подоцна Македонската православна црква-Охридска архиепископија се вклучи во повиците и апелите за почитување на препораките, откако почна ширењето на вирусот.
Полициски час и карантин имаше и за време на Рамазан, иако на денот кога се славеше празникот беше дозволено движење во текот на денот, што предизвика остри реакции во јавноста. Подоцна поради неодговорно однесување беше сменет поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи. Новото раководство на ИВЗ застана зад препораките на државата за заштита на здравјето на луѓето.

[email protected]