Фото: Архива

Веднаш може да почне работата на одредени точки од Акциониот план со Бугарија, истaкна портпаролот на Владата, Душко Арсовски. Одговарајќи на новинарско прашање за најавениот, од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, нов пристап во разговорите со Бугарија, портпаролот Арсовски истакна дека такви точки се инфраструктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други обврски коишто се на двете страни, сè со цел да го јакнеме пријателството помеѓу двете земји. Како што рече, во завршна фаза е усогласувањето на Акцискиот план.

– Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Експертските тимови од министерствата за надворешни работи се во постојана комуникација. Министерот Османи најави нов пристап растоварен од емоции што е дополнителен поттик на процесот – истакна Арсовски.

Тој додаде дека секој јавен настап, без оглед од која страна доаѓа, треба да биде во функција на создавање на пријателски амбиент во кој полесно се доаѓа до решенија.

– Македонските позиции се познати и јавно потврдени: за македонскиот идентитет, народ и јазик не се разговара и нема да се преговара. Во исто време, апелираме да не се влегува во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои нема да донесат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ – потенцираше владиниот портпарол.