Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во Брисел оствари средба со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседство и проширување, на која во посебен фокус биле следните чекори на европскиот пат на земјава, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Како што се наведува во официјалното владино соопштение, Димитров се заблагодарил на тимот на еврокомесарот Вархеји за вложените напори од страна на Европската комисија во светло на отпочнување на преговорите со Унијата, како и за економската помош што Северна Македонија ја добива во контекст на сузбивање на последиците од пандемијата.

Двете страни го потенцирале значењето на периодот што следи, кој го оцениле како суштински за европската иднина на Северна Македонија.

– Спремноста, визијата и посветеноста на нашиот тим за реализирање на овој стратешки национален интерес ја потврдува потребата за следниот историски чекор на нашата европска агенда – отпочнување на пристапниот процес – нагласил Димитров.

Комесарот Вархеји информирал за напредокот во финализирањето на Економската програма за развој и инвестиции во земјите од регионот на Западен Балкан, што веќе за време на мандатот на оваа Комисија се очекува да испорача опипливи резултатати.