Владата денеска одржа свечена седница на која комесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Оливер Вархеи ги презентираше Годишниот извештај на Европската комисија за нашата земја и Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан.

На почетокот на свечената седница премиерот Заев нагласи дека посетата на комесарот Вархеи се остварува во исклучително значаен момент за земјата, во година кога станавме членка на НАТО и во период кога се очекува усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Македонија до крајот на годинава, за време на германското претседавање со ЕУ.

– Ние сме уверени и подготвени дека можеме да го изодиме тој пат и во иднина да придонесуваме за единството и развојот на ЕУ како глобална сила во светот – рече Заев во поздравната реч.

Вчера Европската комисија го објави Годишниот пакет за проширување, кој го вклучува годишниот Извештај за процесот на пристапување на земјата во ЕУ, како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, како два исклучителни важни документи за ЕУ агендата на Македонија.

– Извештајот на ЕК дава јасна слика за напредокот на земјата, но и за областите каде треба дополнително подобрување и усогласување со европските стандарди. Извештајот ќе го искористиме за подготовка на првите акциски планови и стратегии од првиот кластер, посветен на темелните вредности, кои натаму ќе се преточат во преговарачки позиции на нашата земја – кажа Заев и истакна дека финансиската поддршка од 9 милијарди евра преку ИПА 3, ќе испрати силна порака за поддршка на ЕУ перспективата на регионот.

Во своето обраќање на свечената седница, еврокомесарот Вархеи потенцираше дека со економската помош за земјите од Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра, ЕУ се обврзува да ја забрза европеизацијата на регионот.

Како посебно важни, комесарот Вархеи ги истакна регионалните инфраструктурни проекти за автопатно и железничко поврзување на главните градови на земјите од регионот, за што ЕУ направила и измени во своите политики и согласно планот на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан учеството на ЕУ во кофинансирањето на овие проекти ќе биде во висина од 40% наместо досегашните 20%.

Во планот за реализација на економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан приоритет има и поддршката на енергетските проекти за регионално поврзување, како и инвестирањето во социјалните и човечките ресурси во образованието и во политиките за спречување на иселувањето на младите.

Во завршницата на свечената седница на Владата, премиерот Заев истакна дека годинешниот извештај на Европската комисија, како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, најавуваат нова ера за успешно спроведување на реформите, за регионалната соработка, и дека планот на ЕК во наредните 4 до 5 години се поклопува со мандатот на оваа Влада со што се совпаѓаат целосно интересите на ЕУ со Програмата на македонските власти.