Алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, преку писмо до вицепремиерот Бујар Османи најави поддршка за европските интеграции на земјава.

-Процесот на европски интеграции на земјите од Западниот Балкан претставува стратешки приоритет на Република Грција. Во таа насока, ние го поддржуваме и процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија, во согласност со предвидените услови и на основа на сопствените заслуги, за што целосната имплементација на Преспанскиот договор претставува императив – пишува Варвициотис во писмото до Османи.

Од кабинетот на Османи соопштија дека во писмото се најавува и билатерална средба меѓу претставниците задолжени за европски прашања на двете земји.