Тенденцијата за масовно крадење на капаците на шахтите и решетките од сливниците продолжува. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во рамките на своето работење, совесно и одговорно води грижа за граѓаните и ги предупредува, но и им обрнува внимание на надлежните институции за вандалско однесување на одредена група граѓани. Јавното претпријатие веќе ја извести јавноста на зачестената појава на крадење шахти и дека случаите се документирани и пријавени во полициска станица, комуналните служби на Град Скопје и комуналните служби на Општината. Целта на претпријатието е што побрзо и поефикасно да се спречи ваквиот вандализам и да се санкционираат сторителите, а и да се засилат контролите на комуналните служби низ општините, но и на откупните центри за старо железо

ВОДОВОДНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ПРЕДУПРЕДУВА НА ПОЈАВАТА НА МАСОВНО КРАДЕЊЕ КАПАЦИ ОД ШАХТИ НИЗ СКОПЈЕ

Шахти и сливници лоцирани на три булевари и улици во главниот град изминатава недела останаа без капаци. Несовесни граѓани или ситни профитери ги украле капаците, предизвикувајќи општа опасност за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Кражбата била реализирана на булеварите Илинден и 8 Септември и на улицата Крушевско востание. Неколку дена откако оваа кражба била евидентирана од страна на надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но и по пријавувањето во полициската станица во Карпош, повторно била реализирана кражба на капаци од шахти и решетки од сливници, овој пат на булеварот Партизански одреди, на велосипедската патека кај поликлиниката „Букурешт“, кај ГУЦ и на булеварот 8 Септември.
Надлежните од водоводното претпријатие велат дека ваквиот вандализам негативно се одразува и ја загрозува безбедноста на граѓаните и на учесниците во сообраќајот.
– Тенденцијата за масовно крадење на капаците на шахтите и решетките од сливниците продолжува. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја известува јавноста дека и овој случај е документиран и пријавен во полициска станица, комуналните служби на Град Скопје и комуналните служби на Општината. Истовремено, за спречување на ваквиот вандализам и санкционирање на сторителите, ќе се засилат контролите на комуналните служби низ општините, но и на откупните центри за старо железо, каде што доколку се пронајдат вакви предмети, ќе бидат изречени казни во согласност со Законот – информираат од јавното претпријатие.
Оттаму велат дека на местата од каде што се украдени ќе бидат поставени нови капаци.

– Упатуваме апел до јавноста и до граѓаните да не се крадат капаци и решетки од улиците, бидејќи на тој начин не му се нанесува само штета на претпријатието туку и се загрозува безбедноста на граѓаните и на учесниците во сообраќајот – велат од „Водовод и канализација“.
За граѓаните што деновиве минуваа на локациите каде што се украдени капаците и решетките, ова е недозволива ситуација.
– Среќа што не се украдени капаците од шахтите што се на улиците, па да се случи уште поголема несреќа, автомобил да пропадне со тркало во отворот, па да предизвика општ хаос и други возила да се удрат во него. Овие капаци што се украдени изминатиот период се претежно од тротоари и зелени површини и претставуваат општа опасност за пешаците, велосипедистите, малите деца и домашните миленици. Децата и кучињата лесно може да пропаднат во овие отвори и да се повредат, а за тоа повторно на сите ќе им бидат виновни надлежните, кои постојано се соочуваат со овој проблем – вели Душанка Тодоровска.
И велосипедистите лесно може да настрадаат во вакви ситуации.

Велат дека додека возат и внимаваат да не се удрат во пешаци или во друг велосипедист, многу лесно може да им се случи несреќа и иако не можат да пропаднат во отворите бидејќи се мали, сепак доволно е тркалото да удри во отворот и поради тоа да се повредат.
– Не смее да ни се случува ова, навистина ваквите кражби, заедно со оние на клупи, дрвца и канти за отпадоци, се најдолното нешто што може да го направи некој. Кој ќе им ги откупи капаците кога со закон е забрането да се продаваат и купуваат. Зарем некој ќе си го ризикува парчето леб за да им исплати пари на крадци на капаци? Навистина залудно предизвикуваат проблеми за сите нас. Надлежните повторно ќе постават капаци, меѓутоа ова е тренд со кој постојано се соочуваме сите и за кој сѐ уште немаме пронајдено решение – вели Кире Димовски, велосипедист од Скопје.

[email protected]