Она што особено загрижува е самата симболика на овој чин, сквернавење на спомениците на основоположниците на македонското книжевно творештво во време кога државата се обидува да се одбрани од надворешните напади врз нејзиниот идентитет, јазик и историја. Моментот коинцидира и со почетокот на кампањата за локалните избори, а пораката што се испраќа е дека во Струга е дојдено време за создавање една поинаква историја, во која нема место за македонските литературни дејци

Неодамнешниот инцидент во Струга со откорнувањето на бистата на поетот Анте Поповски и нејзиното фрлање во водите на Охридско Езеро на денот на неговата смрт, како и обидот истото тоа да се направи и со бистата на Славко Јаневски, е многу повеќе од обичен вандалски чин, како што надлежните сакаат да го прикажат во јавноста, занемарувајќи го фактот дека ваквата појава постојано се повторува, а вандалите најчесто или не се откриени или, пак, минуваат со симболични казни.
Она што особено загрижува е самата симболика на овој чин, сквернавење на спомениците на основоположниците на македонското книжевно творештво во време кога државата се обидува да се одбрани од надворешните напади врз нејзиниот идентитет, јазик и историја. Моментот коинцидира и со почетокот на кампањата за локалните избори, а пораката што се испраќа е дека во Струга е дојдено време за создавање една поинаква историја, во која нема место за македонските литературни дејци.
На потег се институциите на државата, кои во најкраток можен рок треба да ги лоцираат виновниците и да ги казнат, во спротивно дополнително ќе стимулираат слични вакви инциденти и во иднина и ќе ја потврдат тезата дека сквернавењето има и друга агенда. Токму неоткривањето на сторителите и неказнивоста од страна на институциите со години ги охрабрува сличните вандали постојано да ја уништуваат спомен-плочата на загинатите резервисти на АРМ кај Карпалак и за тоа да не бидат казнети.

Академик Катица Ќулафкова во уништувањето на бистата на Анте Поповски на денот на неговата смрт препознава јасно упатена порака, која е само едно камче од мозаикот што полека се склопува.
– Секако дека станува збор за порака. Одамна е тоа порака, испратена уште кога Општина Струга се откажа од „Струшките вечери на поезијата“ и побара да се префрлат во Охрид. Тоа јасно навестуваше до што ќе дојде, но тоа е. Многу предвидливи работи ни се случуваат, а ние се шокираме – вели Ќулафкова.
Според неа, не станува збор за вандалски чин, туку за процес што за крајна цел има ребрендирање на Струга како огниште на албанската култура.
– Сè треба да се стави во контекст, во еден систем. Ако вие ги склопите коцкичките, ќе видите дека тоа е една од последните работи што ни се случуваат, значи Струга повеќе не треба да биде симбол на културна историја на Македонија. Основната цел е тој град да се ребрендира како огниште на албанската култура, па сега ние се чудиме, се шокираме, а ништо не преземаме превентивно – нагласува Ќулафкова.
Анализирајќи ги настаните низ временски контекст две децении наназад, академик Ќулафкова почетоците на овие збиднувања ги лоцира во конфликтот во 2001-та, а најмногу со територијалната поделба во 2004 година.
– Склучуваме договори со кои отстапуваме сè што е наше. Тоа почна со територијалната реорганизација, можеби и порано, со конфликтот во 2001 година, но територијалната реорганизација ги озакони тие работи и создаде услови. Во прашање е систем, процес што дури е во последна, завршна фаза – вели Ќулафкова.
Директорот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, е убеден дека станува збор само за вандалски чин, без да навлегува дали уништувањето на бистите може да има и некаква друга заднина.

– Мое лично мислење е дека станува збор за неповрзани вандалски чинови. Се шпекулираше дека е тоа намерно направено на денот на смртта на Анте Поповски, но искрено се сомневам дека сторителите знаеле такви детали – вели Тасевски.
Тој уште додаде дека засега немаат информации до каде е откривањето на сторителите, притоа изразувајќи надеж дека тие многу скоро ќе бидат откриени и казнети.
– Ние ќе поднесеме иницијатива до Општина Струга како надлежни за тој јавен простор да се постават и камери и да се оневозможат вакви инциденти во иднина – истакна Тасевски, притоа додавајќи дека самата биста ќе биде санирана и повторно вратена.
Од СВР-Охрид велат дека и натаму интензивно се трага по сторителите на овој вандалски чин.


Македонија замижува пред вандалите, светот драстично ги казнува

За разлика од Македонија, каде што вандализмот тешко се открива, а уште помалку се казнува, во Европа и во светот оштетувањето на споменици, туѓ имот и јавно добро се казнува со исклучително високи казни.
Во Шпанија, во зависност од тоа колку штета ќе биде направена, сторителите може да бидат казнети со парична казна од 750 до 1.500 евра. Ако штетата е направена врз објекти што се дефинираат како „споменици или се заштитени објекти“, паричните казни може да се удвојат, односно да бидат и во висина од 1.500-3.000 евра.
Во Велика Британија вандализмот се смета за криминал по животната средина и се казнува според Законот за антиопштествено однесување. Така, на пример, во Лондон има фиксна казна за графити, која изнесува 75 фунти. Доколку се предизвика сериозна штета на имот, сторителите може да бидат и кривично гонети според Законот за кривична штета, според кој казните се пропорционални на штетата (достигнуваат висина и до 5.000 фунти), и се соочуваат со можност од пресудување казна затвор во траење до шест месеци.
Во Германија паричните казни може да бидат и во висина до 7.000 евра. Казните се пропишуваат според извештајот и записникот на полицијата и се зголемуваат, односно зависат од степенот на големината на штетата. Така, на пример, почнуваат од неколку стотици евра за помала штета предизвикана со користење спреј во боја, но може да достигнат висина до 7.000 евра доколку се работи за големо оштетување на културни објекти.
Во Индија казната е од 75 до 1.500 долари за уништување, промена или злоупотреба на заштитен споменик.
Во Сингапур лицето што ќе се обиде да изврши или ќе изврши акт на вандализам може да биде казнето со затворска казна до три години, а исто така може да биде казнето и со камшикување.