Според протоколите, здравствените работници и луѓето над 65 години треба први да ја примат вакцината, а кога ќе бидат достапни поголем број дози и луѓето помлади од 65 години со хронични болести

Македонија фати ред за рамноправна набавка и распределба на вакцините против ковид-19

Македонија сериозно се подготвува за вакцина против коронавирусот и веќе начелно има дефинирано насоки како ќе се набавува вакцината, како и кога ќе биде одобрена. Познат е бројот на вакцини што треба да бидат набавени и што треба да покријат 20 отсто од населението во земјава. Иако засега не се откриваат многу детали како и кога таа ќе може да се применува, сепак, министерот за здравство Венко Филипче веќе објави како ќе биде набавена вакцината против ковид-19.
Но дали оваа вакцина ќе биде задолжителна, колку ќе чини, кој ќе има приоритет, се само дел од прашањата на кои сѐ уште нема прецизен одговор од здравствените власти.
Во јавноста веќе се појавија полемики дали Македонија треба да брза или да не брза со вакцината против ковид-19.

Дел од јавноста смета дека Македонија не треба да чека и дека политиката не треба да биде пресудна за тоа од каде ќе се набави вакцината против ковид-19. Од друга страна, пак, дел од стручната јавност смета дека за вакцинација на населението се најважни безбедноста и ефикасноста на вакцината.
Венко Филипче, министерот за здравство, вчера во изјава за „Нова Македонија“ посочи дека очекувањата за набавка на вакцините се за почетокот на следната година. Вели дека во првата фаза ќе бидат набавени 800 илјади дози од вакцината, кои треба да покријат 20 отсто од населението, што значи дека околу 400 илјади луѓе ќе можат да ја примат вакцината, но истакна дека вакцината ќе има две дози и затоа се набавуваат 800 илјади првични вакцини.
Сепак, посочува дека сѐ уште не се знае производителот што ќе биде избран.
Оваа одлука, според него, е за да фатиме ред и да бидеме дел од рамноправната прераспределба на вакцините.
Според протоколите, здравствените работници и луѓето над 65 години треба први да ја примат вакцината, а кога ќе бидат достапни поголем број дози и луѓето помлади од 65 години со хронични болести.
Од Министерството за здравство посочуваат дека првата вакцина што ќе биде одобрена на пазарот ќе биде еднакво дистрибуирана помеѓу сите земји-членки што аплицирале преку Ковакс-механизмот.

– Во истиот момент кога ќе ја добијат вакцината најразвиените земји, ќе ја добиеме и ние, а сѐ уште не се знае дали тоа ќе биде на крајот на оваа година или на почетокот на другата – посочуваат од ресорното министерство.
На завчерашната владина седница е разгледана и усвоена информацијата за склучување Договор за преземени обврски помеѓу нашата влада и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ), за набавка на вакцини против ковид-19 преку Ковакс-механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, и е прифатен текстот на Обврзувачкиот договор за набавка на вакцините.
– Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини против ковид-19 преку Ковакс и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција во согласност со потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) – соопштија од Владата.

Во земјава има речиси четири илјади активни случаи со позитивен ПЦР-тест на коронавирусот, а половината од нив се во Скопје.
Вакцините, кои се безбедни, ќе бидат дистрибуирани до сите земји во светот, без разлика на тоа дали се работи за сиромашни или за богати економии.

[email protected]