Фото: Маја Јаневска-Илиева

Констатација дека 25 отсто од македонските здравствени работници сѐ уште не се вакцинирани против ковид-19 силно одекна во домашната јавност и отвори простор за поширока анализа. „Нова Македонија“ истражуваше и побара одговори за тоа колкав е процентот на вакцинирани или невакцинирани во различните сектори во државата, како образованието, војската, полицијата, државните службеници и други дејности

АНАЛИЗА: КОЛКАВ Е ПРОЦЕНТОТ НА ИМУНИЗАЦИЈА ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА И ЈАВНИТЕ СЛУЖБИ

Висок процент, или 25 отсто, од македонските здравствени работници и по речиси две години откога трае пандемијата сѐ уште не се вакцинирани против ковид-19. Оваа констатација на проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националниот комитет за имунизација, силно одекна во домашната јавност и отвори простор за поширока анализа. Според професорката Александра Грозданова, и етички и професионално е неисправно лицата во бели мантили да бидат промотори на невакцинирањето.
– Во овој сегмент, најболната алка е што немаме комплетна поддршка од здравствените работници. Воопшто не треба и да има дискусија дали здравствен работник ќе биде вакциниран. Верувајте, ова е најболната тема за нас медицинарите – вели таа.
Претседателката на Комитетот за имунизација вели дека не е доцна и сега да има поагресивна кампања за зголемување на процентот на имунизирани за оние што се во дилема да ги добијат вистинските одговори.
Анализирајќи ја темата за тоа колкав е процентот на вакцинирани или невакцинирани во различните сектори во државата, како образованието, војската, полицијата, државните службеници и други дејности, побаравме одговори од надлежните служби и органи.

Според официјалните статистики, во земјата досега се ревакцинирани близу 800.000 македонски граѓани, а трета доза од вакцините досега примиле 63.137 лица.
Во поглед на актуелните случувања, „Нова Македонија“, консултирајќи се со преставници на јавниот сектор, здравствените институции, синдикалните организации и министерствата, изврши новинарска опсервација на темата колку од вработените во јавниот сектор и државните институции се всушност вакцинирани против ковид-19.
Генералниот секретар на Синдикатот на работниците од Управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, вели дека не постојат официјални бројки на национално ниво за тоа колку од лицата што работат во јавната администрација, која вкупно има околу 130.000 лица, се вакцинирани.
– Бројката на вакцинирани и имунизирани вработени што се наши членови, според нашите процени, варира од институција до институција. Но ако се направи некоја групна процена на целиот сектор, според нашите синдикални сознанија, може да се заклучи дека бројот на невакцинирани работници во јавниот сектор се движи меѓу 25 и 30 проценти од вработените во различните институции и министерства – вели синдикалецот Деановски.

Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот за одбрана и безбедност, вели дека процените на синдикалната организација на оваа тема во армијата и Министерството за одбрана велат дека вакцинацијата на вработените се движи во рамките на државниот просек.
– Иако припадниците на АРМ и Министерството за одбрана на почетокот од пандемијата беа таргетирани како целни групи што можат да добијат вакцина пред другите граѓани во земјава, сепак, состојбите со имунизацијата на војската не станаа масовни. Имено, од вкупно приближно 8.000 вработени во армијата, просекот на оние што се одзваа за вакцинација, според нашите процени, се движи околу 40 проценти. Нормално, во остатокот на луѓето не се вбројуваат оние што по природен пат стануваат имунизирани ако ја прележале болеста предизвикана од ковид-19 – заклучува синдикалецот.
Во образованието, пак, имаме 25.751 лице што се вработени во образовниот сектор во земјата, од нив 18.272 се наставници во основното образование, а 7.479 се наставници во училиштата од средното образование, и од нив досега се вакцинирани над 75 проценти.
Според министерката за образование Мила Царовска, од вкупниот број на наставници и професори, 75 проценти од нив се имунизирани со вакцинација и прележување на заболувањето, а 25 отсто од наставниците и професорите сѐ уште не го сториле тоа.
Царовска изјави дека во однос на вакцинацијата, нема значителен отпор кај вработените во образованието, како и кај јавниот сектор.
Во меѓувреме, во врска со актуелните случувања, здравствени експерти велат дека иако рестриктивните мерки поврзани со вакцинирањето на администрацијата се непопуларни, сепак, според нив, имунизацијата во Македонија треба да стане што помасовна ако сакаме побезболно да ги надминеме опасностите од здравствената криза.

Доктор Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести објаснува дека поради обемноста на здравствената состојба поврзана со пандемијата, во суштина нашата држава и сите земји во Западна Европа немаат точна евиденција кој од јавната администрација и во колкав процент е вакциниран.
– Слободно говорејќи, кај нас е познато дека има околу 130 илјади лица вработени во администрацијата, а од нив најверојатно половина се вакцинирани или имаат антитела како резултат од прележаната болест. Па, мерките за мене лично се оправдани, бидејќи административците освен што секојдневно се на работа физички, тие се и во контакт со луѓе надвор од работното место, на пазарите, трговските центри и секаде. Поентата на овие заложби за поголема вакцинација е дека ризикот од губење човечки животи е голем, а тоа најдобро се поминува кога имунизацијата ќе стане што помасовна – вели Стојанов.
Докторот објаснува дека Македонија солидно ги воведува мерките во земјата во зависност од моменталните процени на општата здравствена состојба.
– За некои работи предничиме пред регионот, како на пример за сертификатите за влез во трговски центри и кафеани, кои дури сега се воведуваат во Србија и во Хрватска. Македонија беше пред регионот, но зад Италија на пример, која ја стави во сила оваа мерка пред нас. Дополнително, во моментов, барем засега, нашите болници имаат помал притисок на заболени, благодарение на дел од мерките во споредба со Словенија. Процентот на земјата за вакцинирани граѓани е поголем од, на пример, Бугарија и Романија, кои се во ЕУ, но, сепак, и тоа не е доволно да имаме масовна имунизација на нашето население – поентира доктор Стојанов.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија во Скопје, кој вели дека иако веројатно ќе биде тешко светот да достигне колективен имунитет, ја посочува Португалија како позитивен пример на земја што успеала да убеди над 80 проценти од своите граѓани да се вакцинираат. Доколку се случи тоа во други земји, според д-р Мехмедовиќ, тогаш колективниот имунитет е реалност.
Д-р Мехмедовиќ вели дека е убеден оти е можно да се постигне колективен имунитет преку вакцините, бидејќи светот ги има потребната технологија и капацитети на глобално ниво. Според него, потребна е само волја и светот ќе може да достигне колективен имунитет во период од една година.

[email protected]