Фото: Игор Бансколиев

Министерот за здравство Венко Филипче прецизира дека иако некои земји го воведуваат вакцинирањето на децата против ковид-19 како задолжително, односно тие нема да ги примаат децата на училиште доколку не се вакцинирани, вакцинацијата на децата во земјава нема да биде задолжителна

Дали вакцинацијата на деца на 12 години против ковид-19 е правилен чекор, кој ќе придонесе за стабилизација на состојбата и зголемување на колективниот имунитет или, пак, е ризичен и непотребен потег? Оваа дилема сѐ уште останува предмет на дебата, иако во Македонија до крајот на неделава веќе ќе почне вакцинацијата на децата. Во Европа има различни искуства и различни правила, од слободен избор на родителите дали ќе ги вакцинираат децата, до идеи невакцинираните да не посетуваат настава во училиште. Првичните најави на македонските здравствени власти се дека оваа вакцинација не е задолжителна и од неа нема да зависи дали децата од септември ќе можат да посетуваат настава со физичко присуство.
Министерот за здравство Венко Филипче прецизира дека иако некои земји го воведуваат вакцинирањето на децата против ковид-19 како задолжително, односно тие нема да ги примаат децата на училиште доколку не се вакцинирани, во земјава вакцинацијата на децата нема да биде задолжителна.
Вакцинирањето на децата од 12 до 16 години, за разлика од возрасните, ќе треба да се закаже на сајтот вакцинација.мк. Ова вчера го информира министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека пријавувањето веќе започнало, а ќе се одвива до четврток, кога заинтересираните ќе ги добијат термините за вакцинирање.
– Кога еднаш ќе се отвори вакцината на „Фајзер“, мора да се вакцинираат шест лица, бидејќи во вијалата има шест дози. Ако се јави едно или две деца, има голем ризик да се фрлат одреден број вијали. А тоа не сакаме да се случи, што значи дека родителите и старателите ќе може да ги регистрираат и од петок ќе започне апликацијата на вакцините – појасни Филипче.
Микробиологот Никола Пановски вели дека вакцинацијата кај децата нема да има голем одзив, зашто е доброволна. Затоа, се сомнева дека ќе даде превенција за евентуален почеток на учебната година од септември.

– Тоа ќе бидат деца на веќе вакцинирани родители. Сепак, кампањата треба повеќе да се насочи на ранливите категории, за да се избегнат смртните случаи -заклучува Пановски.
Вакцинирањето деца е сè повеќе спорно прашање во Европа, особено со брзото ширење на варијантата делта.
Европските земји се поделени за прашањето дали да се вакцинираат тинејџери. Шеснаесет земји, вклучувајќи ги и Франција и Италија, сега вакцинираат деца над 12-годишна возраст или планираат да го сторат тоа, додека, пак, 17 земји се одлучија против. Други четири земји остануваат неодлучни.
Француската влада предупреди дека варијантата делта сочинува 40 отсто од новите инфекции во земјата.
Единаесет француски региони известуваат дека стапката на инфекции скокнала во текот на изминатата недела. Околу 64 отсто од возрасната популација во Франција примиле барем една доза вакцина, а нешто помалку од 50 отсто се целосно вакцинирани. Како и другите европски земји, и Франција се бори да го одржи високото темпо на вакцинирање. Минатиот месец беше одобрено тинејџерите подобни за вакцинација да можат да се вакцинираат, но со родителска согласност.
Грција ќе им понуди на младите од 18 до 25 години парични награди за примање на првата доза вакцина против ковид-19, како дел од владината акција за зголемување на стапката на имунизација пред летната туристичка сезона.
Владата подготвила припејд-картички во вредност од 150 евра за оние што ја примаат првата доза на вакцината, а ваучерот се однесува на околу 940.000 млади, кои ќе можат да го искористат за патувања во Грција, односно да купат билети за авион, брод или воз, да си ги покријат трошоците за сместување или, пак, да посетат културни настани, да следат кинопроекции, театарски претстави, концерти итн.

Студија за седум земји објавена во март годинава, од страна на британското медицинско списание „Лансет“, покажала дека две на милион деца починале поради ковид. Оние што се против вакцинирање на тинејџери тврдат дека ризиците од несакани реакции се поголеми од придобивките.
СЗО советува дека е поитно да се донираат вакцини за земјите за нивните возрасни со поголем ризик, додека на глобално ниво е помалку итно да се вакцинираат тинејџери и деца. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус, на почетокот на оваа година ги нарече приоритетите на групите со низок ризик, како што се децата, особено во богатите земји „морална катастрофа“.
Граѓаните што немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постојните вакцинални пунктови во здравствените установи.

[email protected]