Фото: Игор Бансколиев

Светската агенција „Блумберг“ информира дека со актуелното темпо со кое се спроведува имунизацијата на населението, на Македонија би ѝ биле потребни околу десет години за да вакцинира поголем дел од своето население и на тој начин да го спречи ширењето на вирусот. Но има ли Македонија толку време за губење и може ли да издржи толку долго во вакви околности?
Според истите процени, на Србија би ѝ биле потребни само четири-пет месеци за целосно да го имунизира своето население. Со оглед на тоа што Македонија е многу помала, тој процес би се завршил за еден-два месеца. Но клучното прашање е како

СВЕТСКИТЕ АГЕНЦИИ ПРЕДВИДОА ДЕЦЕНИСКИ МАРАТОН ЗА ИМУНИЗАЦИЈА НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО МАКЕДОНИЈА

Може ли Македонија за краток временски период да го имунизира своето население против ковид-19, за да може полека животот да се враќа во нормала? Првичните показатели по почетокот на масовната вакцинација се дека таа се одвива доста бавно, а не е мал ниту процентот на граѓани што не се јавуваат на закажаниот термин за вакцинација, што дополнително ја отежнува битката со вирусот.
Деновиве светската агенција „Блумберг“ информира дека со актуелното темпо со кое се спроведува имунизацијата на населението, на Македонија би ѝ биле потребни околу десет години за да вакцинира поголем дел од своето население и на тој начин да го спречи ширењето на вирусот. Но има ли Македонија толку време за губење и може ли да издржи толку долго во вакви околности?
За соседството, пак, е проценето дека Србија целосно би го имунизирала населението за четири-пет месеци, Словенија тоа би го сторила за 10 месеци, Грција за 13 месеци, Романија и Црна Гора за 15, а Хрватска за година и половина.
Од друга страна, за потсетување е примерот од минатото, дека многу лесно е изводливо милионско население да се вакцинира за многу краток период, па дури и за помалку од еден месец. Во времето на СФРЈ, во чиј составен дел беше и Македонија, беше спроведена вакцинација против вариола вера на 18 милиони граѓани, а сето тоа беше завршено само за неколку седмици. Првиот пат сомнежот дека се работи за страшна зараза, именувана како вариола вера, во Југославија бил регистриран на 14 март 1972, додека целосната вакцинација на населението била спроведена експресно до 15 април.

Белградскиот весник „Политика“ во своето издание на темава информира дека рекордот што го постигнала тогашната држава за вакцинација бил спроведен во рок од десет дена, при што само во Белград биле вакцинирани 1.849.341 лице, кои ја примиле вакцината на 727 различни медицински пунктови.
Во меѓувреме, инфектолози и медицинари со кои се консултиравме велат дека масовното вакцинирање на нашето население е обемна операција, за чие спроведување се неопходни голема логистичка поддршка и разработен државен механизам за вакцинирање.
Инфектологот и универзитетски професор Вело Марковски вели дека поранешната држава вршела имунизација на населението од инфективните болести многу побрзо од Македонија денес бидејќи самиот процес се одвивал поинаку од актуелниот поради повеќе причини.
– Имено, кога станува збор имунизација на нашето население од опасна епидемија за споредба е случајот со вакцинација од вариола вера, која имала 70 проценти на смртност. Она што е специфично за тогашниот процес на вакцинирање и денешниот е што вакцината тогаш се спроведувала со мали гребаници на телото. Како процес, ова вакцинирање било едноставно и брзо, наспроти денешното, кое изискува специјално складирање на вакцините, мерење на дозите и стручно инјектирање – вели Марковски.
Професорот вели дека сега, за жал, најоптимистичкото сценарио за вакцинирање, под услов да ги имаме неопходните вакцини, е тешко да се процени, па дури и сегашното темпо, кое е исклучително бавно, е своевидна оптимистичка процена.

– Имено, за го вакцинираме целото население за еден месец, хипотетички, во Македонија во просек на ден би требало да се вакцинираат по 50.000 граѓани. За таа цел ние би требало да имаме на располагање огромна и обемна логистика и да го имаме целиот медицински персонал, а не само актуелните медицински сестри и дополнително логистиката би требало да биде засилена од сите можни други капацитети на земјата што може да дадат медицинска помош. Сето тоа е многу тешко во денешни услови за разлика од Југославија. Дополнително, процесот за вакцинација против ковид-19 е бавен. Секоја сестра треба внимателно да ја измери и вшприца дозата од вакцините, кои треба да се чуваат во специјални фрижидери. Натаму, треба да се измери точното количество и тоа да се вшприца во лицето. Во овој процес треба многу да се внимава да не се направат грешки и да нема штетни здравствени последици по граѓаните. За да се забрза процесот, вакцините на глобално ниво, не само во Македонија, би требало поинаку да се спакувани, да дојдат комплетно наточени во инјекција. На таков начин сето тоа би било далеку поефективно од сега – објаснува инфектологот.
Според д-р Марковски, масовна имунизација тешко се спроведува дури и во моќните и големи држави како САД, кои досега имаат вакцинирано 150 милиони граѓани, но кај нив останува предизвикот и за ревакцинација.
Доктор Мартин Јовановски, експерт од областа на фармацевтската индустрија, истакнува дека за еден месец идеално за Македонија би било ако можеме да ги завршиме вакцинацијата на првата доза и ревакцинацијата кај одреден дел со втората доза, барем на 75 проценти од вкупното население.

– Но тоа е исклучително тешка мисија, бидејќи би било потребно да се вакцинираат измеѓу 70 и 100 илјади граѓани дневно, вклучувајќи ги и деновите од викендот. За таа цел да биде математички и хируршки спроведена, би требало да ги имаме потребните вакцини и инфраструктура, во смисла простор и подготвен персонал за 20 пати поголем обем на вакцинирање од моменталниот и дополнително уште толкав процент луѓе што се согласни дека сакаат да се вакцинираат. Со други зборови, тоа е крајно тешко – објаснува Јовановски.
Според него, оптимално би било доколку би можеле да стигнеме до бројка од 20 илјади вакцини дневно, што би значело враќање во комплетна нормала на Македонија најбрзо до крајот на летото.

[email protected]