Мутациите на коронавирусот сÈ повеќе се предмет на истражување на научниците

Германската компанија „Бионтек“ неодамна соопшти дека прелиминарната студија покажала дека нејзината вакцина е делотворна против мутираниот сој на коронавирусот што беше откриен во Велика Британија и Јужна Африка, а за кој експертите велат дека е позаразен од вообичаените видови на коронавируси.
Според германската компанија што ја разви вакцината, тестовите покажале дека антителата од луѓето што примиле вакцина ефикасно го неутрализирале САРС-КоВ-2.
Коронавирусот Б117, кој се појави во југоисточна Британија кон крајот на минатата година, се покажал значително заразен – помеѓу 40 и 70 проценти, во споредба со нормалните варијанти на вирусот.
Вакцината против коронавирусот на „Фајзер-Бионтек“, која се дистрибуира и прима низ целиот свет, му кажува на телото како да препознае шилест протеин и го учи имунолошкиот систем како да го „убие“.
Постоеше страв дека вакцината нема да биде ефикасна во однос на мутираните верзии. Тимот научници од „Фајзер“, заедно со научници од Универзитетот во Тексас, спровеле тестови со кои провериле дали мутациите влијаат на ефективноста на вакцината. Тие користеле примероци од крв од 20 лица што примиле вакцина на „Фајзер“, а антителата од вакцината успешно се бореле со мутираниот вирус во тие примероци. Сепак, ова засега е прелиминарна студија.

– Многу беше смирувачко да се открие дека барем една мутација, за која луѓето се најмногу загрижени, се чини дека не претставува никаков проблем – рече д-р Филип Дормицер, раководител од компанијата „Фајзер“.
И авторите на студијата изјавија дека наодите се ограничени, бидејќи тестираната мутирана варијанта „не вклучува целосен сет на мутации што се наоѓаат на брзорастечките соеви во Велика Британија или Јужна Африка“.
– Ова е добра вест, главно затоа што не е лоша вест. Доколку беше пронајден спротивниот резултат, дека вакцината не е ефикасна против варијациите на вирусот, тоа ќе беше лошо и многу загрижувачки – рече Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на лондонското училиште за хигиена и медицина.
Еленор Рајли, професорка по имунологија и заразни болести на Универзитетот во Единбург, рече дека постои причина за оптимизам дека вакцините може да се покажат ефикасни против голем број мутирани варијанти.

Сите вируси природно мутираат кога се реплицираат, менувајќи го геномот, со што се овозможува вирусот да функционира. Британската варијанта на коронавирус Б117 сега се прошири во повеќе од 30 земји, вклучувајќи ги САД, Франција и Индија.
Зголемената стапка на случаи заразени од новиот сој на вирусот значи дека едно лице на секои 50 во Англија сега има ковид-19, додека во Лондон, едно од 30 лица е заразено. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето од канцеларијата за национална статистика на Велика Британија.
Сојот Б117 на коронавирусот се чини дека е позаразен од другите соеви. Според тестовите спроведени во лабораторија во Бирмингем, околу 35 отсто од пациентите заразени од Б117 имале многу високо ниво на вирус, во споредба со 10 отсто од пациентите кај кои тоа не било случај. Студиите за новиот сој беа поттик за премиерот Борис Џонсон да објави трета национална блокада.
Б117 го привлече вниманието на истражувачите во декември во делови на јужна Англија. Кога тие внимателно го погледнале неговиот геном, откриле дека од 17 мутации на аминокиселини, осум влијаат на протеинот на вирусот. Шилестиот протеин се врзува за рецепторите на AЦЕ2 (ензим 2-конвертирач на ангиотензин) на клетката домаќин – влезната точка во човечката клетка за реплицирање на вирусот.

Во мутацијата N501Y, истражувачите откриле дека аминокиселината тирозин е заменета со аминокиселината аспарагин. Промената го зголемува пристапот на B117 до рецепторот ACE2, што ги прави децата поподложни на вирусот. Обично, децата имаат помала веројатност од тинејџерите или возрасните да се заразат или да го пренесат вирусот.
Професорот Нил Фергусон, епидемиолог од колеџот „Империјал“ во Лондон, процениле дека новиот сој има зголемена стапка на пренесување од 50 до 70 проценти во споредба со другите соеви во Велика Британија.