Фото: Маја Јаневска-Илиева

Она што со децении постои како хроничен проблем и претставува баласт на македонското општество, а се однесува на предимензионираниот обем на администрацијата, по трагичниот настан и 45-те жртви, повторно стана појасно видливо за јавноста. Неодговорноста, нетранспарентноста и неизвршувањето на законски определените задачи станаа повидливи кај низа институции, кои и натаму продолжуваат да се прогласуваат за ненадлежни за одредени обврски, префрлајќи ја одговорноста од еден на друг. Во исто време, на низа институции им се совпаѓаат законските надлежности, така што и поради таа причина стана видлива уште еден административен феномен, во кој институциите си ја префрлаат „топката“ и се себеамнестираат од одговорноста. Каде се загуби стандардот за мала и ефикасна администрација во функција на граѓаните?

Како трагичната несреќа ги направи повидливи институционалните пропусти

За прекубројноста на институциите и предимензионираниот обем на администрацијата се предупредува со години од домашните и од странските експерти. Но со истрагата и барањето одговорност од соодветните македонски институции по трагичната несреќа на македонскиот автобус во Бугарија, со 45 жртви, со гласни ѕвона за тревога одекна апсурдната нефункционалност на голем број од речиси 1.300 институции во македонската државна управа. Експертите постојано велат дека треба што е можно поскоро да се направи темелна реконструкција на системот, во кој има повеќе од 1.000 институции, за некои од нив не се знае ниту што работат, а надлежностите им се преклопуваат со други институции.

Да се преиспита потребата од одредени органи на државната управа

Последната трагедија покажа и дека совпаѓањето на надлежностите на повеќе институции често се користи за префрлање на одговорноста од едни на други, што конечно создава и амбиент за неможност граѓаните да си ги остварат своите права и да стигнат до правдата.
Ние како граѓани секојдневно се среќаваме со нефункционирањето на системот. Оттука произлегува дека треба да се преиспита потребата од сите институции во системот. Кога ќе кажам да се преиспитаат, не мислам да се направат анализи, кои, всушност, ги имаме, туку треба Владата да се осмели и да каже дека ќе го кратиме бројот на органите на државна управа. Премногу ги имаме, а нивните надлежности се преклопуваат. Кога се преклопуваат надлежностите, не може да се лоцира одговорноста. Па, тоа го видовме на прес-конференциите во изминатите денови по несреќата: не може да се лоцира одговорноста, не може да се дознае кој што работи… А ако не се знае кој што работи, тогаш многу лесно луѓето, неработниците, корумпираните можат и да не работат – вели универзитетската професорка од Правниот факултет при УКИМ, Ана Павловска-Данева.
Големиот број прашања што во македонската јавност се поставија за институциите надлежни за транспорт и сообраќај, поврзани со барањето одговори за причините на несреќата на изгорените патници во автобусот, се судрија со контроверзиите на префрлање на одговорноста, од една на друга институција, изговори за совпаѓање на надлежностите, но и поплаки за недоволно човечки и материјални ресурси за да си ја извршуваат работата за која се формирани и постојат.

Стоп за практиката на „играње со државната управа“ во политичко-партиски пазарења

Веројатно еден од побизарните моменти во истрагата за несреќниот автобус е тоа дека тој немал лиценца за меѓународен превоз, но 135 пати ја минувал државната граница без потребните документи. Притоа, никоја од институциите надлежни за контрола и инспекциски надзор не ја констатирала таквата појава, ниту презела соодветни мерки за нејзино спречување.
– Со години зборувам и укажувам дека институциите во Македонија се во функција на политичката власт и пазарење за постигнување одредени политички цели, а не се во функција на остварувањето на правата на граѓаните. И наместо да се спречува и искоренува таквата практика, секоја наредна власт во изминативе триесет години само го зголемува бројот на државни институции, кои се производ на „пазарења“ за коалицирање. За жал, со секоја несреќа се соочуваме со трагичната димензија на институционалната нефункционалност, покрај тоа што се хронично непотребно и бесцелно оптоварување на државниот буџет. Дополнителен момент во сета апсурдност на постоењето на непотребните институции е што во нив се вработуваат партиски кадри, најчесто со несоодветно образование и без професионални квалификации. Со нефункционалноста, непрофесионалноста и несоодветното функционирање на институциите, за жал, на трагичен начин се соочивме и за време на летните пожари што ја зафатија Македонија (три години несервисирани авиони за гаснење пожари), и по пожарот со 13 жртви во тетовската модуларна болница, и неодамна со 45 жртви од автобуската несреќа – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Професорот Давитковски повторно укажува дека сите трагични несреќи што се случија во период од три месеци алармантно повикуваат на рестартирање во администрацијата, односно на целата државна управа. Но за тоа, како што вели Давитковски, потребно е да има политичка желба и свест за реформи, односно да се има желба да се напушти практиката за злоупотреба на државната управа во политичко-партиски пазарења.
– Само една седмица по автобуската трагедија, која покажа пред македонската јавност дека неодговорните, некомпетентни и непотребни институции можат да имаат голем удел во креирање амбиент на неказнивост и при инциденти со фатален исход, веќе сме сведоци на нови преговори за нова владина коалиција. И новиот потенцијален коалициски партнер во Владата си има мегаломански барања, кои веројатно ќе се реализираат со нови околу 1.000 вработувања во администрацијата, а не е исклучено и со формирање нови институции. Таквата реалност сѐ повеќе личи на политички цинизам – вели професорот Борче Давитковски.


Триста институции „невидливи“ со нивната работа за граѓаните

Од 250 до 300 државни органи се без адреса и се невидливи со нивната работа за граѓаните. Вообичаено, бројот на вработени во овие институции се движи од двајца (директор и секретарка) до дваесетина лица, на товар на буџетот, за плати и трошоци за работењето, без притоа да се знае што конкретно работат. За голем дел од овие агенции, управи, инспекторати и служби со чудни називи, кои се формирани за партиски пазар при поделба на власта, или за вдомување членови и симпатизери, нема податок колку трошат, што работат и за што им се потребни толку пари. И од податоците за буџетските трошоци за видливите државни институции е забележливо дека има многу нелогичности во издвоените средства за оваа година, во однос на тоа што работат, какви резултати покажале, а колку административци притоа има во нив. Еден од позабележителните примери на институции со преклопување на надлежностите е тој на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Покрај Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со годишен буџет од 578 милиони денари и 1.400 вработени по рамковниот договор, а кои етапно се распоредуваат по државните органи, измислена е и Агенција за остварување на правата на заедниците, со директор и 20 вработени и со свој буџет. Во контекст на остварувањето на правата на заедниците, формиран е Инспекторатот за јазиците, кој има само двајца вработени, а добил дури 16 милиони денари од државниот буџетот за оваа 2021 година. Но, покрај Инспекторатот за употреба на јазиците, постои и нова агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Агенцијата има 19 вработени и 46 милиони денари буџет за оваа година. За споредба, Државниот пазарен инспекторат, чии вработени во 2020 година извршиле 36 илјади инспекциски контроли на терен, имаат 185 милиони денари за оваа година, на 271 вработен. Тоа значи дека Државниот пазарен инспекторат има оперативни расходи од околу 10 илјади евра по вработен, а Инспекторатот за употреба на јазиците има оперативни расходи од околу 100 илјади евра по вработен.