Специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, вели е убеден дека ќе се најде решение, но не за седум дена.

– Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат. Јас заради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите – рече Бучковски.

Тој вели дека не знае дали за една недела може да се случи чудо, но до последен момент ќе се бори за да се изнајде решение.

– Јас се надевам дека со моето искуство, со довербата која ја имам и во бугарската јавност, ќе бидам јасен сигнал на посветеноста на нашата Влада во исполнувањето на преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка. Со задоволство го прифатив овој предизвик затоа што сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство – вели Владо Бучковски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека со ова ја пополнуваме дипломатската празнина, бидејќи немаме назначено амбасадор во Софија.

–  Создаваме низа механизми за да ја засилиме довербата меѓу двете земји. Работиме и на дополнителни форми на акциски планови за суштински да покажеме намери да ја засилиме улогата на Договорот за пријателство, неговата ефикасност и имплементација – рече Османи.