Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и на тој начин да ги отстрани пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Ова за бугарската новинска агенција „Бгнес“ го изјави специјалниот прeтставник на македонската Влада за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски.

Тој од вчера е во посета на Софија, каде што се состана со високи бугарски претставници.

– Во оваа насока секое мое официјално соопштение на линијата Скопје – Софија е по повод нашиот предлог акциски план, кој содржи конкретни чекори во делот на поврзувањето преку Коридорот 8, соработка во образованието, енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество – рече Бучковски.

Според него, ова треба да создаде доверба меѓу владите и државите, меѓу народите на двете земји.

– Без разлика колку се интензивни моите патувања и состаноци, очигледно е дека двете земји се заинтересирани да не ги замрзнуваат односите или да комуницираат само преку медиуми и преку посредници. Нашата блискост како два народа и две земји со заеднички моменти во минатото и заеднички поглед на историјата нè тера да преземеме чекори за изнаоѓање решение, а ваквите работни состаноци се само чекор напред кон решението – рече Бучковски.

Тој посочи дека во претстојниот период македонската работна група ќе ги разгледа коментарите на Бугарија за предлог акцискиот план и ќе се развие јасна позиција.