Не сме заинтересирани да видиме само решение на проблемот кој го имавте со Република Грција, туку сме подготвени и да се ангажираме и да помогнеме за отворањето на вратите на ЕУ за напредокот на Македонија и да пружиме помош, дури и во овој момент, иако преговорите не се почнати, за унапредување во соработката со ЕУ, рече денеска европратеникот Рајнхард Бутикофер на средбата со премиерот Зоран Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, Бутикофер ја нагласи важноста од претстојниот референдум, како за иднината на Македонија, така и за регионот на Западен Балкан и Европската унија. Воедно ја пренесе поддршката за имплементација на Договорот со Република Грција. 

– Веќе нема земја во светот која не го препознава и признава нашиот идентитет по историскиот договор со Грција, зашто покажавме дека сме подготвени да изнаоѓаме решенија, а не да изнаоѓаме проблеми. Затоа референдумот е одговорност на сите во создавањето поубава иднина за новите генерации, рече премиерот Заев на средбата. 

Европратеникот од Европската партија на зелените, кој беше придружуван од Претседателката на ДОМ Лилјана Поповска, на средбата го информираше премиерот Заев дека е рестартирана групата за поддршка за пријателство на Македонија во Европскиот Парламент, на која тој е потпретседател. Заев го поздрави рестартирањето и рече дека тоа е значајно охрабрување за македонските граѓани, Парламентот и Владата на РМ.