Фото: Маја Јаневска-Илиева

Водачите на Шарената револуција најавуваат активирање на протестите доколку Груевски не биде вратен во земјата, додека експертската јавност смета дека со ваквиот негов потег им е нанесена штета и на опозицијата и на власта

Какви политички последици ќе донесе актуелниот развој на случувањата поврзани со бегството на поранешниот премиер и почесен претседател на најголемата опозициска партија, Никола Груевски, за неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, кој во моментов се наоѓа во Унгарија. И дополнително како овој случај ќе влијае врз другите политички субјекти во државата. Во сублимиран заклучок стручната јавност во земјата вели дека Груевски со овој чин многу ѝ наштетил на својата партија, но тој истовремено им нанел негативна слика и на сите политички сили во државата – и на власта и на опозицијата. Колумнистот и политички аналитичар, Сашо Ордановски, пишува дека политичките последици во Македонија од одлуката на Груевски да бега пред правдата ќе бидат најнепријатни за неговата партија, која и под новото раководство не смогна сили да се дистанцира од неговата кривичноправна тековна судбина.

– Таму и натаму го третираат како „политичка жртва“ на „криминалниот режим“ на Зоран Заев, што го компликува кредибилитетот на домашната и на меѓународната позиција на ВМРО-ДПМНЕ на секој чекор, до непријатни размери – пишува Ордановски.

Тој смета дека уште долго челниците на опозицијата нема да можат да конституираат сопствена агенда, без постојано да бидат прашувани за овој или за оној детаљ од судското досие на Груевски.

– Уште долго, а можеби и до самиот негов политички крај, Христијан Мицкоски ќе биде доживуван како „пионот на Груевски“, несреќно избирајќи да ја врзе својата политичка судбина за неговата – смета Ордановски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски тврди дека бегство на Груевски му прави штета прво нему, бидејќи со тоа би признал вина и му го менува неговиот имиџ од политички маченик во криминалец.

Според него, ваквиот развој на настаните им направил штета и на ВМРО-ДПМНЕ и на државните органи.
– Му прави штета на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи е тешко да се застане зад политичар што избегал од соочувањето со правдата колку тоа и да го нарекуваат политички прогон, а истовремено им прави штета и на органите на прогонот, кои не можат да го најдат – вели Арсовски.

Во своја колумна за „Нова Македонија“, политичкиот аналитичар Сашо Клековски пишува дека aнализите оти бегството ќе се одрази негативно за Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, не ја земаат предвид длабоката поделеност и поларизираност на граѓаните.

– За илустрација, постот на Фејсбук во кој Никола Груевски го објавува својот престој во Будимпешта за помалку од 24 часа имаше 12.000 лајка, над 1.000 споделувања и околу 3.700 коментари. Со брз преглед на коментарите може да се заклучи дека над половина се со поддршка за Никола Груевски, а другите се со осуда или „тролање“.

Покрај одекот, тоа е показател на поделеноста на јавноста на најмалку два табора, за поддржувачите Никола Груевски бара заштита од политички прогон во земја-членка на НАТО и на ЕУ, дури има и идеализирања на бегството на Груевски од типот на „Призон брејк“, а за тие што осудуваат бегството е кукавички акт на избегнување на правдата и признавање на вина – пишува Клековски.

Тој истакнува дека во овој момент последиците за ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е Никола Груевски, сѐ уште тешко може да се предвидат, и тие ќе зависат како партијата ќе постапува во ваквата поделената и поларизирана јавност.

– Но едно може да се предвиди, дека влијанието на Никола Груевски и во партијата и во јавноста ќе опаѓа – резимира Клековски. Во меѓувреме, актуелните случувања поврзани со бегството на Груевски се главна тема на социјалните мрежи на чии страници изминативе денови врие од голем број коментари во кои се изразува незадоволство и обвинување до актуелната власт, но и објави во кои се поддржува некогашниот поранешен премиер во неговата агенда. Од една страна, водачите на Шарената револуција најавија активирање на протестите доколку Груевски не биде вратен во земјата, а од друга страна во таборот на опозицијата, пак, коментарите се длабоко поделени, едни граѓани го осудуваат овој чин на некогашниот лидер, но има и такви што го поддржуваат неговото барање за азил во Унгарија.


Шест месеци со намалена плата за 5 отсто

Никола Груевски нема веќе да се третира како оправдано отсутен од парламентот, а пратеничките групи одлучиле следните шест месеци на Груевски да му се крати по 5 отсто на секои три отсуства од пленарните седници, а сето е пропишано според Деловникот за неоправдано отсуство подолго од три дена. Ваква одлука, според информациите, е донесена на вчерашната координација во Собранието што ја свика спикерот Талат Џафери по бегството на поранешниот премиер.
Одлучено е исто така да се применат одредбите од собранискиот деловник, според кои пратеник се казнува со по пет проценти од платата за отсуство на три последователни седници.
Процените се дека на тој начин, по шест месеци, ќе може повторно да се поведе иницијатива за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, иако и тогаш ќе треба да се обезбеди двотретинско мнозинство.