Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пораките за брза евроинтеграција на Македонија кои специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ги истакна денеска во Скопје, се уште една потврда за засилената дипломатска мисија на САД во регионот, чија цел е зацврстување на позицијата на Америка по разнишаната доверба во евроатлантските процеси.

Во рамките на т.н. булдожер-дипломатија на САД спаѓа и соочувањето со блокираниот процес за проширување на ЕУ, односно со условувањата и бесмислените барања на Бугарија кои го блокираат почетокот на пристапните преговори за Македонија.

Згора, се смета дека Ескобар го истакнува членството во ЕУ како клучна точка во неговата балканска стратегија, со што многумина во регионот го посочуваат за подобар гласник за Унијата отколку самиот европски блок, како што забележа и „Политико“.

Изминатиот месец од повеќемина американски булдожер-функционери беа испратени силни пораки што се однесуваат и на Босна и Херцеговина. А потегот на САД доаѓа кога ЕУ се соочува со критики за повоздржаниот пристап во однос на БиХ, па станува извесно дека Америка ја трга ЕУ настрана во решавањето на горливите прашања во регионот.

Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден на Балканот да ја испрати старата и искусна дипломатска гарда со повеќе од 100 години заедничко искуство во политиката со балканските земји, која учествувала во мировните преговори, претставува и обид за враќање на САД, како и за прекинување на „лутањето“ на ЕУ, со чии дипломати дел од балканските политичари успешно се справуваат.