Бугарија нема да ја промени својата позиција кон Македонија во следните месеци, велат од бугарското МНР за „Труд.бг“.

– Во претстојниот период, Бугарија ќе продолжи со своите напори да им ги објасни на нашите партнери бугарските проблеми во врска со Република Северна Македонија. Очекуваме реален пристап на солидарност и разбирање од следното претседателство – наведува бугарското Министерство за надворешни работи.

На прашањето на „Труд.бг“, какви активности ќе преземе Софија во следните 6 месеци за да се најде решение за Македонија, од министерството велат дека би било неразумно да се очекува промена на бугарската позиција.

– Оваа позиција е предмет на надпартиски консензус и со 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе – наведуваат од бугарското министерство.

Во однос на евентуално потпишување на анекс кон договорот за добрососедство, од Министерството велат дека тоа не може само по себе да ги реши отворените прашања во односите со Македонија.

– Веќе постои Договор за добрососедство кој во 2017 година е ратификуван од обете страни и доставен до ООН, што Република Северна Македонија не го спроведува. Ништо не дава причина да веруваме дека друг потпишан документ ќе ја промени оваа практика на неисполнување на меѓународните обврски – се наведува во одговорот.

Од бугарското МНР, сепак, тврдат дека интересот на Бугарија не е да го одложи процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку конечно да се решат отворените прашања во односите и успешно да се продолжи со процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан.

– Ние не добиваме никакво задоволство од позицијата што Скопје нѐ принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија ја обезбеди сета можна поддршка за нашите браќа од другата страна на границата. Со ставот што го зазеде Бугарија во рамките на Советот на ЕУ, нашата земја го одложи усвојувањето на рамката за преговори за Република Северна Македонија со цел да се вклучи јасно и обврзувачко барање за Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Со оглед на сегашното неисполнување на Договорот од страна на Република Северна Македонија, Бугарија нема да може да ја донесе преговарачката рамка без овие гаранции – наведува бугарското МНР.

Понатаму се додава дека со одложувањето на усвојувањето на преговарачката рамка, Бугарија ги бранела својот национален интерес и националната позиција.