Како што се приближува времето за одобрување датум за преговори на државата Македонија (не на географската област), старите изветвени негирања од страна на бугарските политичари, на сѐ што е македонско: историја, јазик, идентитет, духовна – нематеријална култура (фолклор, обичаи итн.) стануваат сѐ пожестоки, при што последниов месец добија невидена жестокост.
Речиси сите, а особено научните работници, многу добро ги знаат бугарските негирања произлезени од стариот империјалистички сон за бугарска држава од Црно до Бело (Егејско) Море и од Дунав до Дрим. И веднаш се поставува прашањето дали во вакви случаи треба да се реагира или да се игнорира. Секако дека ваквиот крајно срамен, одбивен, беден итн. однос на бугарските политичари не заслужува внимание, но бидејќи молчењето вообичаено се сфаќа кака одобрување, потребна е реакција, иако навредливите и понижувачки изјави всушност ги понижуваат токму авторите на тие изјави. Нашите политичари се должни да покажат минимум достоинство во односите со нивните странски колеги не само поради себе, aми уште повеќе за народот што го претставуваат. Ова е особено потребно кога имаат правни аргументи како во случаите со бесрамното, безочното, безобѕирно итн. (нема соодветен збор) за ваквото недостојно китење со туѓи перја, т.е. крадење авторски дела, во прв ред музички, што се прави не само на територијата на бугарската држава туку и на меѓународен план.

Еден таков скандалозен настан се случи минатото лето во Црна Гора. Имено, во летувалиштата на црногорското приморје, секоја година во летните месеци, за посетителите се организираат голем број фолклорни и музички настапи. Минатата година во неколку града на потегот од Бар до Будва, и во две фази, од 23-27 август 2019 и од 27-31 август 2019, се одржа XI меѓународен музички и фолклорен игроорен фестивал „Монтенегро-фест“, при што главно настапуваа фолклорни ансамбли, но и хорови и оркестри од Естонија, Литванија, Летонија, Русија, Полска, Чешка, Словачка, Германија, Украина, Турција, Србија, Босна, Романија, Словенија, Италија, Шведска, Молдавија, Ерменија, Хрватска, Бугарија, Унгарија. Имено, светската фестивалска организација ги опфаќа националните фестивалски здруженија за фолклор, хорски групи, мажоретски групи, модерен танц и оркестри, чиј претседател е Алеш Брезникар од Словенија, а заменик-претседател Зоран Стрезовски од Македонија, кој во својство на директор на фестивалот, на интернет-страницата „Монтенегро-фест“ имаше поставено вест за фестивалот.

На 21 август, во одморалиштето Шушањ, под покровителство на претседателот на општината Бар (Душан Раичевиќ), се одржа музичка и фолклорна вечер, при што меѓу другите настапи фолклорниот ансамбл „Јастро“ од Софија, Бугарија. Целиот репертоар на ансамблот се состоеше од македонски народни песни и ора без воoпшто да биде назначено дека станува збор за фолклор од Пиринска Македонија, а настапот започна со припев (рефрен) од новокомпонираната авторска песна „Една мисла имаме“. Притоа беше направен безочен плагијат. Имено, припевот на песната беше сменет и наместо „Македонија цела да е, секој да ја знае“, како што изворно гласи, игроорците пееја „Бугарија цела да е, секој да ја знае“. Ако се знае дека автор на текстот е Владо Георгиевски, аранжманот на Зоран Марковски, во гласовна интерпретација на Војо Стојановски и музичка на групата „ВИС Пелистер“, тогаш авторските права на сите овие творци се грубо прекршени. Според податокот добиен од најавувачот на учесниците, истите учесници настапиле претходната вечер, на 20 август, во Будва, но очигледно немало реакција, штом ваквиот скандалозен настап се повтори. На настапот присуствуваше директорот на фестивалот и заменик-претседател на светската фолклорна организација Зоран Стрезовски, од кого побаравме програма за фестивалот (што мора да ја има во некаква форма) и објаснување за ваквиот скандалозен настап.

Заменикот-претседателот рече дека при пријавувањето не добивале податоци за содржината на настапите (што не е многу веројатно), ама ни вети дека ќе ни испрати програма за фестивалот и фотографии од настапот на бугарскиот фолклорен ансамбл, како и дека ќе биде официјално реагирано. Но не само што не испрати ништо од ветеното туку и електронската адреса што ни ја даде не ја примаше нaшата порака (електронски запис од 2.9.2019), а од неговата адреса што ја има на интернет не стигна никаков одговор.
Ова го покажува конформизмот на нашите претставници, не само политичките, туку и стручните (патем, нашиов потпретседател е д-р на науки токму на тема за ефектот на културните манифестации врз развојот на туризмот!?!), кои наместо да го промовираат нашето културно богатство во светот, немушто гледаат кога тоа безочно се присвојува. А за вакви кражби се применуваат закони за заштита на авторските права. Патем речено, Македонија, како и Бугарија, е членка и на светската организација за заштита и промоција на интелектуалната сопственост. За ваквото бесрамно и незаконско присвојување на македонскиот фолклор од бугарска страна бев известена и од проф. д-р Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден – Пирин.

Имено, некојси истакнат антимакедонец, по име Васил Григоров, пред повеќе години објавил книга со „бугарски“ народни песни од Македонија, каде што оваа песна била преработена и прикажана како „народна“, и водел емисија „Сите Българи заедно“ (паѓа во очи насловот испишан со македонско-бугарски зборови!), при што секоја емисија ја започнувал со вака преправената песна, водејќи оро со бугарското државно знаме во рака. Се поставува прашањето што прават нашите дипломатски претставници што се платени со пари од народот не само да го претставуваат туку и да ги штитат неговите интереси? Не само што нема никаков дипломатски обид да се спречи ваквото присвојување и китење со туѓи перја, туку нашите државни органи не ги користат правните мерки што им стојат на располагање. Нашите политичари исто така се немушти – ни трага од некаков демарш или нота дури и за навредливи изјави, иако тоа е дел од нивните обврски. Но затоа на големо се плеткаат во прашања за кои немаат никакво знаење и носат одлуки спротивно на волјата на народот.

Наде Проева