Иако наизглед предлогот за „отворање кампуси на бугарските универзитети во Македонија“ е компатибилен со намерите на нашата влада за реформи во образованието, токму оваа позиција во бугарскиот акциски план внесува извесна дилема кај македонските познавачи на состојбите, професори, историчари, лингвисти… Имаат ли дилемите реална основа и дали намерите во предлог-планот се искрени или во заднина сѐ уште тлеат низа индикации за скриени тенденции и намери?

Дилеми по доставувањето на бугарскиот акциски план за надминување на пречките

Официјална Софија преку специјалниот пратеник Владо Бучковски го достави бугарскиот акциски план за надминување на разликите меѓу двете земји што доведоа до блокада на македонските евроинтеграции. Како што е познато, во фокусот на т.н. акциски план се инфраструктурни проекти, но исто така посебен акцент е ставен и на предлогот за „отворање кампуси на бугарските универзитети во Македонија“.
Иако наизглед овој предлог е компатибилен со намерите на нашата влада за реформи во образованието, токму оваа позиција во бугарскиот акциски план внесува извесна дилема кај домашните познавачи на состојбите, професори, историчари, лингвисти… Имаат ли таквите дилеми реална основа и дали намерите во предлог-планот се искрени или во заднина сѐ уште тлеат низа индикации за скриени тенденции и намери?

Алатка за ширење на бугарската пропаганда меѓу младите генерации во Македонија

Дилемите на македонските интелектуалци со кои се консултиравме се всушност за намерите на Софија, поточно дали барањето за отворање бугарски универзитетски кампуси е со цел воспоставување искрена соработка во делот на образованието, што би било од полза за луѓето од двете земји, или, пак, тие би се користеле како алатка за ширење на бугарската пропаганда меѓу младите генерации во Македонија. Како што истакнуваат сите професори со кои се консултиравме, ова не е воопшто наивно барање и без никакви дилеми може да се набљудува и низ една историска призма, од времето кога Бугарското Царство на територијата на Македонија отворало егзархиски училишта во кои се негирала македонската мисла и се ширела себугарската идеја.
Уште повеќе, во рамките на една подлабока опсервација на ова прашање не треба да се изостави третманот на македонското малцинство во Бугарија, на кое му се негираат и основните права на школување на мајчин јазик, барем во основното образование, а не пак да се овозможи формирање разгранок на некој македонски универзитет на нивна територија. Нашите соговорници прашуваат за какви тогаш добрососедски односи и реципрочно изразување на добра волја се работи.

Ќе ни се преслика ситуацијата од минатото

Според Наташа Котлар-Трајкова, научна советничка и редовна професорка на Институтот за национална историја, земјава во случувањата со Бугарија влегува од апсурдна во поапсурдна ситуација.
– Не е проблем соработката, било економска, било културна, па и секоја друга. Овде има една сериозна атака на македонскиот национален, а со тоа и безбедносен систем, негирајќи сè што претставува историско наследство и македонски идентитет, фактички да се обезбедат територијални аспирации или влијанија – смета Котлар.
Таа додава дека таинственоста на целиот процес отвора сомнеж за искреноста на намерите на Софија.
– Ние не сме запознаени како ќе биде организирано тоа, кој ќе биде јазикот на кој ќе се изведува наставната програма, која ќе биде наставната програма, која ќе биде наставната содржина, мислам дека тука има многу прашања. Потоа, дали тоа ќе биде во приватна режија или во рамките на бугарските државни универзитети. Друго е ако е приватна организација, која сака да си направи филијала во земјава. Нам не ни е познато што сè ќе подразбира тоа. Ако тие мислат дека преку таа културно-просветна активност ќе обезбедат посилна пропаганда овде, навистина не би знаела што да кажам – истакнува Котлар.
Според неа, сите проблеми произлегле со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.
Сличен став има и Елка Јачева-Улчар, научна советничка при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
– Отворањето бугарски универзитетски кампуси не е ништо друго освен ширење пропаганда во 21 век. Тоа ни се случува затоа што тука никој не реагира. Бугарите ќе побараат реформа на образованието, ние веднаш го правиме тоа. Она што не успеаја територијално да го остварат, сега ќе го прават преку пропагандата – вели Јачева-Улчар.

Таа додава дека на Македонија ѝ се повторува историјата.
– На почетокот влијанието ќе биде суптилно, но потоа ќе се омасовува. Бугарија е членка на Европската Унија, така што на младите што ќе студираат во нивните кампуси ќе им се даваат разни бенефиции. Буквално ќе ни се преслика ситуацијата од минатото, кога едно дете од исто семејство учело во бугарско, друго во грчко, трето во српско и сите заради различни бенефиции што добивало семејството. Нам истото ова ни се случува во 21 век само затоа што 30 години како држава не успеавме да застанеме на нозе – заклучува Јачева-Улчар.
Инаку, Бугарија и претходно правела обид да издејствува од македонските власти отворање бугарски универзитетски кампуси во земјава, но нејзините барања биле одбиени од одборот за акредитација, затоа што станувало збор за проекти што биле изработени површно и не ги задоволувале образовните критериуми предвидени за високообразовните институции.