Фото: Архива

Негативната кампања против народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, како и обидите за ревизија на историјата продолжуваат во бугарското општество. Последен ваков пример е пишувањето на бугарската информативна агенција „БГНЕС“ по повод книгата „Со ироничен поглед кон преживеаното“ од д-р Стефан Пастухов.

– Книгата на д-р Стефан Пастухов е отрезнувачко „апче“ за Бугарите со заматена свест од оваа и од другата страна на Осогово – се вели во текстот објавен од „БГНЕС“.

Пишувањето на „БГНЕС“ има за цел да ја видоизмени историската улога на Бугарија во Втората светска војна, а притоа се заборава да се спомене дека бугарската власт која била окупатор во Македонија, спроведувала асимилаторска политика врз Македонците и извршила повеќе злосторства врз македонското население, вклучително и депортацијата на македонските Евреи во концентрационите логори.

Во статијата објавена од „БГНЕС“ не се наведени овие историски факти, но затоа може да се прочита дека во новоослободените земји, бугарската владата во извршила целосна реорганизација на економскиот, културниот и духовниот живот. „БГНЕС“ смета дека бугарската држава во Македонија изградила училишта, болници, патишта, пристаништа, индустриски објекти, системи за наводнување…

Згора, според „БГНЕС“, српско-комунистичката пропаганда ги труе умовите на неколку генерации македонски Бугари, за улогата на Бугарија во Втората светска војна.

– Младата посткомунистичка република не сака да се раздели од методите наследени од режимот на Тито – стои текстот објавен од „БГНЕС“.

Авторот на спомената книга Стефан Пастухов, во текот на Втората светска војна пристигнува во Македонија како дел од новата окупаторска администрација, а негови роднини се Крсто Пастухов и Иван Пастухов. Првиот е негатор на Македонците го критикува Георги Димитров, особено политиката на признавање на Македонците во Пиринска Македонија. Вториот, Иван Пастухов е личен кардиолог на бугарскиот цар Борис и специјализирал во Германија. Д.Ст.