Оставката на Зоран Заев по локалните избори е во фокусот на бугарските и на грчките медиуми. Во известувањето на медиумите од соседните држави се истакнува убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, додека грчката агенција „АНА-МПА“ наведува дека „Македонија има Влада во оставка“, посочувајќи можни сценарија во поглед на новонастанатата политичка состојба.

Софиското издание „Дневник” наведува неодамнешна изјава на Заев, според која, зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили. Изданието „24 часа”, покрај оставката на Заев, објавува дека Данела Арсовска, „која е прогласена за Бугарка”, станала градоначалничка на Скопје. За исходот од македонските локални избори информираа и „БНТ“ и бугарското национално радио „БНР“.

Грчките медиуми доцна синоќа, како вонредна вест, ја пласираа информацијата за оставката на Заев. Агенцијата „АНА-МПА“ посочува дека оставката не мора да резултира со одржување на предвремени парламентарни избори во Македонија.

– Оставката на Зоран Заев, сепак не мора да значи и одржување на предвремени парламентарни избори во Северна Македонија – пишува „АНА-МПА“, повикувајќи се на изјавата на Заев според актуелната влада има уште две и пол години за да го заврши својот мандат и треба да продолжи со својата работа.

„АНА-МПА“ ги објаснува и можните сценарија по оставката, додека порталот „Етнос” пишува и што предвидува македонскиот Устав во овој случај.