Фото: Маја Јаневска-Илиева

На состанокот на Советот на ЕУ
напишана уште една срамна страница за Унијата

Кога ќе се издува песочната завеса од изјавите за наводната „разочараност и фрустрираност“ на претставниците од преостанатите членки на Унијата поради „бугарското блокирање на геостратегиските определби за проширување на ЕУ, загрозување на веродостојноста и компромитирање на европските вредност“, како за Македонија така и за ЕУ, тогаш и понатаму ќе остане голата уцена од страна на Бугарија и нејзините недемократски, надвор од правото, па и од разумот барања, кои ја избламираа ЕУ, која се стави во улога да „ја јаде туѓ срам“

Со потврденото вето од страна на Бугарија за македонските евроинтеграции, на последниот самит на ЕУ, колку и да се претставува како „проблем на Унијата со своите вредности“, колку и да предизвика „разочараност“ кај преостанатите земји-членки на Унијата и преостанатите меѓународни фактори, на Македонија повторно ѝ беше испорачан уште еден ултиматум.

Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Румен Александров, кој ја претставуваше на состанокот на Советот на ЕУ, во вторникот, на 22 јуни, порача дека неговата земја очекува Македонија „да започне во практика да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока“.

И покрај тоа што, „преземените обврски“ во Софија останаа во голема мера непознати за македонската јавност, а и некои од нив, кои беа објавени во бугарските медиуми, беа демантирани од македонската влада, бугарскиот претставник на состанокот на ЕУ во Луксембург сепак таксативно ги наведе условите на Бугарија, за да почне да размислува за отстранување на ветото. Имено, Бугарија очекува „експлицитно откажување на Република С Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици што создаваат омраза кон Бугарија во Република С Македонија, активирање процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам поради бугарска самосвест. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република С Македонија, Бугарија инсистира на тоа спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република С Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ“.

Кога ќе се продува песочната завеса од изјавите за „разочараност и фрустрираност“ на претставниците од преостанатите членки на Унијата, поради „бугарското блокирање на геостратегиските определби за проширување на ЕУ, загрозување на веродостојноста и компромитирање на европските вредност“, како за Македонија така и за ЕУ, и понатаму ќе остане најверодостојна уцената од Бугарија спроведувањето на Договорот за добрососедство да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Македонија во ЕУ.

Односно бугарските историско-идентитетски уцени да станат европски критериуми. А ЕУ и покрај гласно изразуваното незадоволство од однесувањето на Бугарија, покажува недостиг од моќ или желба за конкретно влијание и интервенција врз очигледно националистичките аспирации спрема Македонија на својата земја-членка.

Фото: Игор Бансколиев

Непосегнувањето по сопствените контролни механизми, остава простор за сомневање дека всушност ЕУ ги користи Бугарија и бугарските анахрони аспирации за дури и на непринципиелен начин да ги артикулира нејзините јавно неискажани аргументи за незаинтересираност за проширување во овој миг.
– Вината за одржувањето во сила на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата е во бирократијата на Брисел. Сите чекаме некаква позитивна одлука од едно до друго претседателство со Унијата, но секое одложување на почетокот на преговорите за Македонија, со разни изговори, укажува дека во Унијата нема волја за проширување. Тоа беше јасно со воведувањето на новата стратегија за проширување (пред две години), на која инсистираше францускиот претседател Макрон, а сега Бугарија одработува за таа нивна стратегија за одложување на процесот на проширување. Во голема мера и ние самите даваме аргументи за отпорот на ЕУ спрема идејата за проширување: со коруптивното владеење во државата, нефункционалноста на институциите, криминално тргување со атрибутите на државноста… Свесна е ЕУ за сето тоа, па обидувајќи се да ја одржи својата декларирана политика за проширување, премолчено прифаќа незадоволството од таквите состојби во Македонија да го артикулира преку апсурдното вето на Бугарија, додека јавно ја критикува – вели универзитетската професорка Солза Грчева, активна на политичката сцена во Македонија.

Во однос на бугарските очекувања за „спроведување на преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија“ од македонска страна, професорката Грчева смета дека е особено контроверзно ако се преземени обврски за кои македонска јавност, а уште пострашно и Собранието, не се запознаени.
– Македонската јавност, а и Собранието не добија јасни одговори за што се разговарало и што е договорено на таа средба во Софија, пред самитот на ЕУ. Тоа наведува дека повторно се водат тајни преговори, како за Преспанскиот договор, со кој во последен миг се сменија многу нешта што беа презентирани во јавноста, и тоа на штета на Македонија. Што се однесува до спроведувањето на Договорот за добрососедство и историските условувања на Бугарија, Македонија има само обврска со работата на заедничката образовно-историска комисија, која треба да работи по начелата на науката, а не на политиката. Ние немаме никаква обврска спрема Декларацијата донесена отпосле, во бугарското собрание, а која бугарската страна сака да ја вметне како услов во преговарачката рамка на ЕУ со Македонија – смета Грчева.

Како одговор на новинарско прашање на Економскиот форум во Скопје, еден ден по новото вето на Бугарија за земјава во ЕУ, македонскиот премиер Зоран Заев откри одредени детали од предлозите до Софија за спроведување на Договорот за добрососедство. Како еден од најконкретните предлози е утврдување на интензитетот на работата на заедничката историска комисија, преку која Бугарија настојува да ги наметне своите уцени за прифаќање од страна на Македонија на бугарската историја како заедничка, а потоа и на македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот, со што македонскиот национален идентитет би бил временски ограничен од 1944 година.
– Бугарија во принцип никогаш не се откажува од историските побарувања во билатералните односи со Македонија. И сега нема да се откаже од можноста да го искористи моментот и од позиција на сила да инсистира на наметнување на своето историско гледиште како европски услов за Македонија. Нивните напади за „кражба на историјата“ од страна на Македонија е директен напад на македонскиот национален идентитет. Сигурно дека ЕУ има начин како да ги надмине бугарските уцени за македонските евроинтеграции. Но нашата дипломатија треба да ја заврши својата работа, да ги објасни невозможноста и неисполнителноста на историските побарувања на Бугарија, за ЕУ да направи исчекор. Ќе биде голема грешка ако бугарските услови влезат во преговарачката рамка на ЕУ, или во патоказот за спроведување на договорот. Ако им се дозволи, Бугарите постојано ќе ја шират таа рамка со нови услови и никогаш нема да мрднеме со евроинтеграциите. Клучно е македонската политика и дипломатија да не прифати никакви обврски што не смеат да бидат исполнети, во врска со какви било историско-идентитетски побарувања. Прашање на тактика е како македонската дипломатија ќе го презентира тоа во ЕУ, но мора професионално и доследно да се објасни и одработи тоа – смета историчарот Александар Литовски, поранешен член на македонскиот дел од мешаната историска комисија со Бугарија.